strumica denes logo

ЗДРАВА КОТЛИНА: Молчењето убива – Тој страв прави да нема казни за загадувачите, тој страв раѓа уште поголеми неправди – Дојде време да се ослободиме од стравот!

Автор:

Датум:

февруари 6, 2025

Автор:

Датум:

февруари 6, 2025

ЗДРАВА КОТЛИНА:

МОЛЧЕЊЕТО УБИВА

Сите знаеме дека Струмица е загадена. Сите сакаме и чекаме да биде посочено со прст кон виновникот што ни го краде воздухот. Но прашањето е: Дали тоа е доволно и што ќе направиме потоа? Дали и што сме лично подготвени да преземеме за да ги промениме работите? Дали самите сме виновни што молчиме? До кога?

Вистината е дека Струмица е жртва на нашето молчење. Молчиме затоа што стравот нè парализира. Се плашиме да изговориме дека се труеме поради туѓи профити и да побараме промена. Повеќе се плашиме од моќниците отколку од последиците од воздухот што секој ден го дишеме — воздух што секоја година одзема животи.

Овој ист страв овозможува корупцијата да биде насекаде. Тој страв прави да нема казни за загадувачите. Тој страв потоа раѓа уште поголеми неправди — од трагедии на пешачки премини до понижувачки скандали низ годините. Се со цел не натратиме некој од “елитната” структура и да имаме некакви последици. Заробени во страв од можниот гнев на некој моќник, јавно се самоцензурираме, мижиме и шепотиме во отровот…

Дојде време да се ослободиме од стравот. Ако продолжиме да молчиме, ќе биде предоцна. Загадувањето е сложен проблем, но мора да почнеме од некаде. Промената треба да почне од најголемите загадувачи — токму оние кои можат најбрзо да направат разлика ако сакаат. Но тие ќе се променат само ако ние го побараме тоа и не дозволиме повеќе да ја загадуваат Струмица неказнето.

Време е да станеме храбри. Време е да дишеме слободно и да зборуваме отворено за загадувачите. И да почнеме од врвот зошто смрдеата прво доаѓа од главата а потоа од опашката на рибата.