Новата студија идентификувала 29 „отпечатоци од прсти“ на крвните садови во мрежницата, слојот на ткивотокој е чувствителен на светлина на задниот дел од очите, кои се значително поврзани со зголемениот ризик од мозочен удар.
Техника заснована на вештачка интелигенција
Меѓународен тим на истражувачи вели дека нивната техника заснована на вештачката интелигенција може да помогне порано да се откријат проблемите и да се спасат животи, бидејќи околу 90 отсто од мозочните удари се припишуваат на променливи фактори на ризик, вклучувајќи го крвниот притисок и лошата исхрана.
„Во комбинација со возраста и полот, новоидентификуваните параметри на мрежницата имале споредлива моќ на предвидување на ризикот од мозочен удар во споредба со утврдените традиционални фактори на ризик“, пишува тимот истражувачи во својот објавен труд.
Работата се заснова на претходните истражувања за тоа како очите и мозокот се поврзани – и како крвните садови на окото можат да ги одразуваат карактеристиките на крвните садови на мозокот. Мозочните удари се предизвикани од нарушувања или блокади на нормалниот проток на крвта во мозокот, лишувајќи го од кислород и хранливи материи.
29 ретинални васкуларни карактеристики поврзани со ризикот од мозочен удар
Сликите на мрежницата, направени со камера слична на микроскоп, беа собрани од 45.161 лице запишани во поширока истражувачка база на податоци. Од тие учесници, 749 луѓе имале мозочен удар во периодот опфатен со базата на податоци, кој во просек траел 12,5 години.
Пристапот на вештачката интелигенција за машинско учење беше користен за да се забележат конзистентни обрасци во крвните садови на окото кај волонтерите кои претрпеле мозочен удар – вклучувајќи ја густината и обликот на крвните садови. Беа забележани вкупно 29 ретинални васкуларни карактеристики на мрежницата кои беа поврзани со ризикот од мозочен удар.
Параметрите на мрежницата идентификувани со вештачката интелигенција се поврзани со 9,8 до 19,5 проценти зголемување на веројатноста за мозочен удар, открија истражувачите и успеаја да ги поврзат претходните истражувања за крвните садови на окото и ризикот од мозочен удар.
„Ова откритие беше во согласност со претходните студии кои открија поврзаност со факторите на ризик од мозочен удар, вклучувајќи возраст, хипертензија и атеросклероза“, пишуваат истражувачите:
„Нашите наоди покажуваат дека оваа поврзаност главно се должи на параметрите на артериската густина. Патолошки, ова може да биде последица на нарушено снабдување со кислород и хранливи материи.“
Практичен модел за процена на ризикот од мозочен удар
Со други зборови, некои од основните проблеми кои можат да предизвикаат мозочни удари исто така можат да влијаат и на крвните садови во очите, иако студијата не е доволно сеопфатна за да докаже директна причина и последица.
Предвидувањето на веројатноста за мозочен удар е сложено, бидејќи многу различни фактори влијаат на тоа, од она што јадеме до тоа како спиеме. Не сите од нив ќе се појават на очните тестови, но сигурно би можеле да помогнат во раната идентификација на зголемениот ризик.
Како и со секој тип на доверливо дијагностичко скенирање кое го проценува здравјето, доколку повеќе луѓе порано можат да добијат предупредувања, тоа значи повеќе можности да направат нешто во врска со тоа – и потенцијално да го спречат да напредува во посериозна состојба.
„Овој модел претставува практичен и лесно применлив пристап за процена на ризикот од мозочен удар, особено за примарната здравствена заштита и окружувања со ниски ресурси“, пишуваат истражувачите, чија студија беше објавена во „Срце“ (Heart), а пренесува „Саенс алерт“ (Science Alert).