strumica denes logo

ПЕТАРДИТЕ НЕ СЕ ИГРАЧКИ: Колку може да бидат опасни повредите предизвикани од пиротехнички средства?

Автор:

Датум:

декември 13, 2024

Автор:

Датум:

декември 13, 2024

Прославата на Новата година и овој декември започна прерано. Секоја вечер, се почесто се слушаат силни експлозии од петарди и огномети, создавајќи вознемиреност и страв кај луѓето, децата, и животните. Воздухот мириса на изгорен барут, а одекот на експлозиите не остава никого рамнодушен. Иако ваквите „забави“ веќе стануваат дел од новогодишните традиции, последиците се далеку од празнични.

Во Европа, најголем дел од повредите од огномети се регистрираат токму за време на новогодишните празници. Во Холандија, на пример, минатата година биле повредени околу 1,200 лица, од кои речиси половината биле набљудувачи. Забележително е дека дури 18 отсто од повредените биле деца под 12 години. Слични алармантни бројки доаѓаат и од Велика Британија, каде најголемиот број на несреќи се случуваат на приватни собири, забави, прослави околу новогодишните празниции на самиот дочек на Новата година. Светската статистика покажува дека околу 180.000 лица годишно ширум светот претрпуваат сериозни повреди од пиротехнички средства, од кои значителен дел во Европа.

Освен физичките повреди, пиротехничките средства имаат и сериозни еколошки и здравствени последици. Димот содржи токсични честички кои можат да предизвикаат респираторни проблеми, особено кај лица со астма или срцеви заболувања. Дополнително, употребата на пиротехника предизвикува загадување на почвата и водите, како и огромен стрес кај животните. Многу домашни миленици и диви животни умираат од срцев удар или трауми предизвикани од бучавата.

Во потрага по забава, се чини дека забораваме на вистинските последици од употребата на пиротехнички средства. Тоа не се само моментални повреди, туку и долготрајни трауми за луѓето и животните, како и огромно загадување на животната средина. Уште поважно, купувањето петарди ја поддржува нелегалната трговија и создава опасност за сите нас.

Опасност од трајни последици и инвалидитет

Медицинските експерти предупредуваат дека рацете и лицето се најзагрозени при експлозии од петарди, што може да доведе до траен инвалидитет. Но, последиците не се само физички. Децата со аутизам, на пример, се особено чувствителни на ненадејни звуци и светлински ефекти, па празничните денови ги поминуваат во страв и вознемиреност.

И покрај постојаните апели за внимателност, како и законските ограничувања, здравствените институции сè уште се соочуваат со случаи на сериозни повреди предизвикани од овие средства. За да се подигне јавната свест за опасностите, Клиниката за Пластична и Реконструктивна хирургија, во соработка со Министерството за внатрешни работи, годинава повторно организира едукативна кампања.Бројот на повредени граѓани постепено се намалува, но, сепак, како што вели Директорката на Клиниката, прим. д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, сериозни инциденти продолжуваат да се случуваат.

„Опасностите од петардите и другите пиротехнички средства не смеат да се занемарат. Нивната употреба може да предизвика сериозни, па дури и трајни последици врз здравјето. Секоја година, нашата Клиника се соочува со случаи на тешки повреди, иако, благодарение на кампањата што ја спроведуваме веќе неколку години, нивниот број е малку намален. Сепак, се уште имаме пациенти со сериозни повреди – од изгореници на лицето и рацете, до трајни оштетувања како губење на прсти, шака, но и сериозни последици како глувост и слепило. За време на едно мое дежурство, пруживме помош на 70-годишен дедо кој, обидувајќи се да спречи експлозија на петарда, му ја одзел од рацете на својот 6-7 годишен внук. За жал, остана без три прсти. Имавме и случај со тинејџер од внатрешноста кој ја загуби речиси целата десна шака, што му предизвикува траен инвалидитет,“ изјави за Факор прим. д-р Јасмина Ѓоргиевска.

Додава дека Клиниката, заедно со Министерството за внатрешни работи, во наредниот период ќе спроведува едукативни работилнициво повеќе училишта кои се во рамки на Кампањата „Стоп за употребата на пиротехничките средства“ со цел да ја подигне свеста кај младите за ризиците од пиротехниката. Организациските активности кои траат веќе две недели наназад, и е во соработка со Министерството за внатрешни работи има за цел да информира и превенира, за да се избегнат трагични инциденти.

Апелира до родителите и граѓаните да бидат внимателни и да не дозволуваат деца да ракуваат со пиротехнички средства, бидејќи последиците можат да бидат фатални. „Нашата цел е ниту едно дете , ниту еден граѓанин, да не помине празници во болнички кревет,“ заклучи таа.

Контроли и заплени на пиротехнички средства

Минатата недела, во само три полициски акции, во Скопје беа запленети над 100.000 парчиња пиротехнички материјали. Најголемата заплена е направена на магистралниот пат кон Приштина, каде во автомобил управуван од 21-годишен жител на село Блаце беа пронајдени дури 95.000 петарди. Министерството за внатрешни работи информира дека против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави, нагласувајќи дека минатата година вкупно беа запленети 250.000 парчиња петарди.

Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, се предвидуваат строги казни за оние кои неовластено користат пиротехнички средства или други експлозивни материјали. Но, и покрај континуираните апели и кампањи, овие сцени и понатаму се повторуваат.

Апел за свесност

ЗОО Скопје започна кампања под наслов „Кажи стоп за петарди и огномет“ со цел да се зголеми свеста за овие последици. Кампањата вклучува натпревар за цртежи на темата, чии најдобри дела ќе бидат изложени во градината, со надеж дека уметноста ќе поттикне поголема свесност кај граѓаните.

Новогодишната магија треба да донесе радост, а не трауми и загуби. Наместо да купуваме петарди, можеме да ги вложиме тие пари за добротворни цели – да нахраниме напуштени животни, да подариме топлина и љубов. Заеднички можеме да создадеме безбедна и совесна празнична атмосфера.

Во апелите за не употреба на петарди и пиротехнички средства се приклучи и ЈП „Лајка“, од каде велат дека од пиротехника страдаат сите: децата, возрасните и илјадници животни!

„Петардите можат да ги исплашат и сериозно да ги повредат животните, а многумина умираат од срцев удар поради празнични пиротехнички средства. За тоа сведочат обемни статистички податоци зад кои стојат вистински трагедии, повреди и трауми кои настапуваат поради моментална еуфорија или незнаење. Знаеме дека се многу опасни генерално за децата, но дали ви паднало на памет колку им пречат на луѓето со аутизам? Децата со аутизам се преосетливи на каков било ненадеен звук и бучава, па Новата година ја дочекуваат во градот исплашени и под стрес, вознемирени, бараат близок контакт со родителите за да се смират, често покажувајќи знаци на автоагресија што значи дека можат да се повредат.

Воедно буквално секоја година, илјадници животни – птици, мачки, кучиња – умираат од употреба пиротехника. Вознемирувачки е да се види куче како доживува паничен страв и избезуменост. Кучињата, домашни миленици се кријат низ куќата, а неретко од стрес успеваат да избегаат од поводник и се загубат, или загинуваат на улица. Оние кои се бездомни се најизложени да доживеат срцев удар или да умрат под тркалата на автомобилот поради петарди.

Со купување петарди и други пиротехнички средства за забава, ја поддржувате нелегалната трговија со експлозиви, фрлате пари на препродавачи и свесно ја уништувате животната средина, животните и другите луѓе

Сетто ова лесно може да се избегне. Бидете совесни, не купувајте петарди…купете храна за напуштени животни, ширете среќа и направете добро дело во деновите што доаѓаат, велат во апелот кој го упатија до сите граѓани.