Откако К-15 стана задолжителна обврска според Општиот колективен договор за приватниот сектор, тоа ја релативизираше позицијата на новогодишниот надоместок, што значи дека е оставен на добрата волја на газдите
Релативно мал број македонски компании и тоа добростоечки на своите вработени освен 13-та плата и регрес за годишен одмор, им исплаќаат и новогодишен надоместок. Откако К-15 стана задолжителна обврска според Општиот колективен договор за приватниот сектор, тоа ја релативизираше позицијата на новогодишниот надоместок, што значи дека е оставен на добрата волја на газдите. Најголемиот дел од вработените дури и не се информирани за можноста пред крајот на годината да се офајдат со уште една сума, која според гранските колективни договори се движи од 50 до 65 отсто од тримесечната нето плата во државата. За вработените во јавниот сектор оваа награда не е предвидена, бидејќи не постои важечка правна основа за негова исплата, брифираат сметководители за „Слободен печат“. Од ССМ потсетуваат и дека според Законот за работни односи, дадена е можноста работодавачот на работникот да му исплати 13-та плата, доколку тој има можност да ја исплати.
– Измената на ОКДПС од 31 декември 2013 година, а која се применува од 2014 година, со која правото на регрес за годишен одмор доби конкретна вредносна димензија со задолжителна основа во ОКДС го „ослабе“ новогодишниот надоместок и го сведе на право и на износ кое се утврдува со колективен договор на ниво на дејност или на ниво на работодавач, како примање од работен однос кое постои и создава обврска за работодавачите и право за работниците, само доколку е уредено надвор од ОКДС во пониско рангираните колективни договори. На овој начин новогодишниот надоместок се сведе на можно (условно) право, кое постои само доколку се договори со КД на ниво на дејност или на ниво на работодавач – објаснуваат од консултантските куќи.
Моменталните симулации на сметководителите велат дека доколку газдите решат на своите вработени да им дадат новогодишен надоместок во висина од 50 отсто од тримесечната нето-плата во државата, тој би изнесувал 20.666 денари, но доколку се пресметуваат 65 отсто од тримесечната нето-плата – вработените би добиле 26.865 денари. За жал, информациите на „Слободен печат“ говорат дека најголемиот дел од работниците што имаат среќа да добијат новогодишниот надоместок, тој изнесува најмногу до 100 евра.
Инаку, овој надоместок се оданочува со данок на личен доход (нето-износ помножен со 11,111 отсто, но различно од К-15, тој во полни износ заедно со данокот на личен доход се додава во даночната основа формирана во Даночниот биланс.
Инаку, до крајот на годината на трансакциските сметки на вработените треба да легнат и парите од К-15, кој изнесува околу 16.500 денари. Дел од компаниите веќе го исплатија, а другите го чекаат последниот ден.
Работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти од основицата, а износот на регресот се утврдува според основицата, која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата. Според Колективниот договор, основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци. Инаку, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто. За неисплата на К-15 предвидена е глоба до 4.000 евра, а за работодавачите што бараат да им се вратат исплатените пари и затворска казна од три месеци, па сè до една година.