Од година во година, граѓаните се потешко наоѓаат мајстори. Со недели, па и месеци нема кој да им поправи нешто дома, бидејќи мајсторите се премалку, а има многу работа. Една причина е што нема нови генерации кои тоа го работат, а друга е што заминуваат во странство каде што се многу поплатени.
Во време кога има криза за занаетчии, мајсторите имаат шанса да бираат каде и што ќе сработат и гледаат што е поисплатливо. Некој бара ангажмани каде има поголема квадратура за работа, но други пак не сакаат да „заглавуваат“ долго време на ист објект. Додаваат дека има секакви ситуации. Но, ако се работи за мала квадратура, за ситна поправка на викендица или во некое место далеку од градот, тогаш треба јасно да му се каже на тој што бара услуги колку ќе чини трошокот до таму и самата работа, објави Фактор.
„Зависи од работата. Ќе му излеземе во пресрет, ќе земеме пари и си одиме. Секој различно прави. Ако е мала површина, ситница, гледаме реално да извадиме дневница, да ги покриеме трошоците. Проблемот е ако мајсторите се алчни, гледаат да фатат повеќе работа и затоа е доведено до тоа луѓето да изгубат доверба“, вели Александар К. молер од Скопје.
Мајсторите советуваат граѓаните со време да бараат занаетчии, да не биде тоа во последен момент, затоа што сите се презафатени, имаат полни раце работа.
Плочар објаснува дека за ситница наплаќа по час, и сека секој сака да сработи работа која повеќе ќе му донесе пари, додека ситниците повеќе ги работат мајстори пензионери или оние кои имаат друга работа, па после работно време поправаат по домови.