Карцином на дојка
Розов – Октомври е месец посветен на подигнување на свеста за карцином на дојка. Карцином на дојка е сериозен здравствен проблем за жените, но и за мажите насекаде во светот.
Според Светска Здравствена Организација ( СЗО), статистиките покажуваат дека во високо развиените земји, 1 од 12 жени ќе им биде дијагностициран карцином на дојка во тек на животот а 1 од 71 жени ќе ја изгуби битката со болеста.
Во неразвиените земји, оваа статистики покажува дека карцином на дојка ќе се дијагностицира кај 1 од 27 жени, а 1 од 48 жени ќе умре од оваа болест.
Постои сериозна нерамнотежа во застапеноста и третманот на оваа болест според степенот на развој на едно општество и според животните навики на луѓето. Во развиените земји бројот на жени и мажи со карцином на дојка се повеќе се зголемува, и се појавува на порана возраст, МЕЃУТОА смртноста во овие земји се повеќе се намалува.
Во појавата на карцином на дојка голема улога има фамилијарната генетика. Доколку постои историја за карцином на дојка во фамилијата, тогаш редовните контроли, редовните тестови и самопрегледот треба да започнат на порана возраст.
Генетски тестови за мутација на гени поврзани со карцином на дојка, како BRCA1 и BRCA 2 се битни доколку постои позитивна фамилијарна историја.
Самопрегледите се основата во рано откривање на карцином на дојка и е нешто што секој може да го направи. Кога правите самопреглед битно е да приметите дали постои промена на градите и околу градите, дали постои промена на кожа и промена на форма на градата, дали има црвенило или оток. Доколку приметите било каква промена, потребен е преглед од лекар.
Мамограм скрининг протоколите во секоја земја се различни и се битни за рано откривање на карцином на дојка а со тоа и ран третман и поголемо преживување. Секоја година преживувањето од карцином на дојка се повеќе се зголемува и тоа се должи на раното откривање и раниот третман на болеста.
Наследните мутации на гени го зголемуваат ризикот од карцином на дојка, исто како што обезитетот ( дебелината ) го зголемува. Затоа во развиени земји се почеста е појават на карцином на дојка на помлада возраст.
Истражувањата покажуваат дека секој може да го намали ризикот од карцином на дојка со промена на начинот на живот и промена на исхраната. Кога зборуваме за превенција сметам дека промена на животните навики во иднина треба да биде приоритет за секој поединец и за секое општество.
Редовната физичка активност го намалува ризикот од карцином на дојка за 10 – 20%. Со физичка активност се одржува тежината и ќе бидете послаби, се одржува и ниско ниво на естрогени хормони, кои се директно поврзани со ризикот од карцином на дојка. Редовната физичка активност е најдобар начин за подигнување на имунитетот а имунитетот помага во уништување на клетките на карциномот во самиот почеток на настанувањето и помага во успорување на раст на овие клетки.
Исхраната е битна во превенцијата на карцином на дојка, не само преку одржување на тежината туку и преку состојките содржани во храната. Диета богата со масти, преработено месо, богата со шекери треба да се избегнува бидејќи го зголемуваат ризикот од карцином на дојка.
Медитеранската диета веќе со години е на листите како најдобар начин на исхрана која помага во борбата со сите карциноми.
Затоа, борбата со карцином на дојка започнува со нашите оброци. Потребно е оброците да содржат што повеќе зеленчук од сите видови ( спанаќ, карфиол, зелка, кромид, лук и др ), цитрусно овошје кое има антиоксидантно и анти инфламаторно дејство и е богато со Витамин Ц, фолати и др ( лимуни, портокали, цитрони и др.). Овошје кое го има околу нас како јаболки, круши, грозје и праски, е битно да го има во нашата исхрана бидејќи антиоксидантите кои ги има во нив директно влијаат врз намалување раст и ширење на клетките на карциномот.
Риба која е богата со Омега-3 масти има голем здравствен потенцијал и директно помага во намалување на ризикот од карцином на дојка за 14%. Гравот и грашокот се битни поради високиот процент на влакна кои ги содржат. Полнозрнестите житарици имаат битни минерали , витамини и нутриенти со антиоксидативно дејство.
Со еден збор, начинот на исхрана кој потекнува од нашето поднебје и кој го користеле нашите баби и дедовци е најдобриот начин на исхрана и е битен во превенција од карцином на дојка.
Секако потребно е да се избегнуваат и одредени работи во исхранат и начинот на живот: алкохол, брза, преработена и пржена храна, шеќери и рафинирани јаглехидрати – ние сме општество во кој Законот за пушење во затворен простор сериозно не се почитува!
Подигнувањето на свеста за карцином на дојка мора сериозно во иднина да посвети внимание на почитување на Законот за пушење – бидејќи цигарите имаат сериозно влијание врз појавата и развојот на карцином на дојка.
Борбата со карцином на дојка започнува со подигнување на свеста за проблемот – свесноста не подразбира само да знаеме дека имаме проблем и кои прегледи се потребни и кога да одиме на лекар и на кои апарати. Свесноста подразбира и работа на себе и околната, во усвојување на здрави животни навики, здрава исхрана и активно влијание во подобрување на животната околина – повеќе зелени површини во градот, чист воздух, чиста вода, чиста природа, рециклирање, многу зони за рекреација, одржливо и природно земјоделие и сточарство.