strumica denes logo

ЛАЗАР БАРАКОВ: Книгите за мене беа она што сега се „ајфоните“ за младите!

Автор:

Датум:

септември 14, 2024

Автор:

Датум:

септември 14, 2024

Факултетот, освен на глума, ме научи на ред, чистота на душата, војничка дисциплина… Сега кога си го враќам филмот назад во студентските денови, гледам дека сум бил хиперактивен во работата. Не сум мислел дали сум гладен, најаден. Ако ми бил денот исполнет, не сум чувствувал глад, сум бил сит, духовно смирен, расположен, се присетува Лазар Бараков на своите студентски години

Лазар Бараков е наш познат глумец, а прва асоцијација за него се македонските народни приказни. Сите го паметат по народните мудрости кажани во приказните заедно со Ѓорѓи и Шенка Колозови, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски, снимени во 80-тите години на минатиот век. Неговиот глумечки опус е богат со многубројни улоги во филмови, серии, народни приказни. Роден е на 24 мај 1954 година и годинава полни 70 години. Сѐ уште е активен и работи со елан и силен ентузијазам.

Завршил гимназија неполнолетен

Ни сподели дека основно училиште завршил каде што е роден, во селото Мокрино, во пазувите на планината Беласица, а гимназија завршил во Струмица.

– Уште од мал многу ги сакав книгите. Знаев да читам уште пред да тргнам на училиште. Во тие времиња за мене книгите беа таква радост, како во денешно време најскапите ајфони на денешните деца… Завршив гимназија неполнолетен, од прва положив приемен на глума на Белградска академија. Од финансиски причини и авантуристички дух, по три месеци ја напуштив Академијата и заминав на таканаречениот гнил Запад да бидам гастарбајтер, во првата најблиска дестинација Австрија. Првиот впечаток ми беше како да стапнав на друга планета – раскажува Лазар Бараков.

За одлуката што ќе студира по гимназијата, воопшто не размислувал, тоа што го сакал несвесно му било врежано од школска и претшколска возраст.

– Како селско дете, умеев сѐ да работам и не се плашев од каква било работа. Ние, селските деца, сме воспитани во спартански дух, при препрека во животот нема бегање. Нашата девиза е – што на ум, тоа на друм! Што беше пресудно да станам актер, не знам. Со таа мисла живеев. Дури и кога работев нешто друго, мислата ми клечеше таму во актерството бидејќи од секоја прочитана книга сите ликови стоеја пред мене, живееја во мене – споделува Лазар.