Во претходниот текст зборувавме за хормонските промени кои настануваат на телото кај секоја бремена жена, заедно со промените во сетилните органи. Денес докторот ги објаснува и другите промени кои настануваат во бременост за да може лесно да се препознаат и секоја мајка да има спокојна бременост.
Една од најизразените физички промени на телото во бременост е промена на дојките. Тие промени настануваат под влијаните на хормоните и служат за да се подготват за лактација и доење после породување.
Промени на дојките
Промените на дојките започнуваат со потемнување на брадавиците, поради зголемен пигмент. Дојките во бременост стануваат поосетливи , се зголемуваат и често се појавуваат поизразени вени а понекогаш и стрии.,
Понекогаш е можно да се појави истекување на млеко во бременост, посебно со втора или трета бременост – што е нормално и нема место за паника. Станува збор за колострум кој започнува да се создава уште во тек на бременоста.
Во тек на бременост можно е да се појави и чвор на дојките. Најчесто станува збор за блокиран млечен канал , меѓутоа доколку се појави потребна е контрола и консултација со лекар.
Промени на кожа, коса и нокти во бременост
Кожата трпи промени во бременост кај секоја бремена жена, некои промени после бременост се повлекуваат а некои оставаат трага – како стриите.
Појавата на стрии во бременост многу зависи од типот на кожа и користењето на креми зависи од тоа колку е сува кожата. Сето тоа може да се објасни во тек на рутинските контроли во бременост.
Честа е појава на поизразени и потемни линии на кожа кои се резултат на хиперпигментација во бременост – состојба која се повлекува после породување.
Кај некои пациентки можна е и појава на потемни промени на кожа на лице – состојба позната како ‘’мелазма’’ – овие промени на лице после породување се повлекуваат.
Појава на црвенило и пустули по кожа во тек на бременост – може да биде нормална промена предизвикана од хормони. Доколку се појави изразено црвенило на дланките и стапалата со чешање , тогаш е потребна консултација со лекар.
Косата исто така трпи промени во бременост и често се појавува зголемено опаѓање па дури и губење на коса. Ова може да биде поизразено кај пациентки со фамилијарна историја за губење на коса. Опаѓањето на коса може да трае и до една година после породување и потоа да се нормализира.
Кај некои бремени жени може да има и зголемена влакнатост и појава на погусти влакна. Ваквите промени се јавуваат во бременост и после тоа се губат.
Промени во крвотокот
Во тек на бременсот можна е појава на :
Губење здив и заморување при напор
Зашеметеност после брзо станување
Промени во крвниот притисок
Ова се симптоми кои настануваат поради промена во циркулаторниот систем.
Во втората половина на бременост срцевата работа кај бремените жени се зголемува за 30 – 50%. Се зголемува и волуменост на крв, ударниот волумен на срцето и срцевата фрекфенција. Сите тие промени се адаптација кон потребите на бебињата.
Во тек на бременост настануваат и други промени на телото кои имаат цел за правилен раст и развој на бебето. Настануваат промени во дишењето и има зголемување на метаболизмот. Бремените жени имаат зголемена енергетска потреба и затоа е битна правилната исхрана и правилното дишење.
Базалната телесна температура има пораст во тек на цела бременост и затоа битно е секоја бремена жена да пие доволно течности и вода – бремените жени се многу повеќе изложени на ризик од хипертермија и дехидратација.
Ова се најчестите промени на телото во бременост кои може да се почуствуваат и видат и кои може да бидат вознемирувачки за пациентките. Битно е да се знае дека се тоа промени кои после породување се губат и телото се враќа во нормала. Потребни се само мали совети и препораки за да се надминат сите тие предизвици во бременост.