По повод 74 годишнината од убиството на петте струмички студенти Струмица Денес денеска објави неколку нови и постари текстови со цел да им одадеме почит на жртвите на режимот и да потсетиме на злото што произлегува од парадоксот на самоуништување на македонскиот народ.
На 13 ти Август 1951 година на местото Ќучук Чешма кај село Дорломбос петмина студенти од Струмица се пресретнати од 14 службеници на тогашната УДБА и после долго мачење се убиени. Борис Белев, Стеван Топчев, Мирко Пецев, Георги Јарамов и Георги Костуранов како потомци на видни градски семејства се ликвидирани, а нивните тела вечерта се однесени на струмичките гробишта и во присуство на голем број граѓани се погребани во заедничка гробница. Официјално, тие загинале при обид да ја преминат границата илегално и да пребегат во Грција и од таму на запад.
Инаку вообичаен чин кој за време на инсталирање на режимот го направиле десетици младинци од регионот како единствено разумно решение за младите интелектуалци заинтересирани за демократија и западни вредности. Сите спомнати и многу други кои потекнувале од граѓански, буржоазки, образовани или потомци на патриотски семејства не можејќи да го прифатат наметнатиот систем на национализација и наместени судења доаѓа до излез преку такво решение. Неодамна и Централната разузнавачка агенција на САД одредени класифицирани документи ги направи достапни за јавноста. Според тие документи Никола Фиданчев, Борис Белев и Стево Топчев студенти во Загреб решиле да побегнат преку граница во Грција на 5 ти Август 1951 година. За таа цел тие се вратиле во Струмица на 1-ви јули и побарале врска за преку граница. Ним им се придружиле Георги Јарамов и гимназијалецот Мирко Пецев. Подоцна во градот пристигнал и Георги Костуранов кој поради национализацијата го изгубил живеалиштето во Струмица.
Договорот бил да побегнат на 5 ти август па затоа во вечерните часови без да биде известен за одлагањето на операцијата Фиданчев со пливање од четири километри преку водите на Дојранското езеро успеал да пристигне на грчка страна. Останатите наводно, бегството го одложиле за 12-ти август. Односно во Недела. Семејствата на петте студенти живеат речиси во една улица до порано градскиот пазар, а денска мал парк, каде што во 2001 година им е подигнат споменик. Секое од тие млади образовани деца растело во богата и патриотска средина, некои од објектите каде живееле дури и денеска, сведочат со својата архитектонска убавина за нивниот статус.
Водач на дружината бил Борис Белев (19). Син на лекар Александар Белев кој медицина студирал во Техеран и Виена, внук на човек учел школо во Рила и кој протестантизмот го примил како затвореник во Беаз куле посетуван од Џон Хаус. Останатите и другите нивни другари потеклото го имат од егејска Македонија и нивните семејства овде се доселени главно од Кукуш и Дојран но и покрај тоа искушение, учествувале во изградбата на тогашната Струмица, нејзиното ново стопанство изглед и значење. Тоа создало завист во одредена група нивни врсници кои мотивот ќе го пронајдат во режимот што се инсталира после 1949 година прогонувајќи како во лов на вештерки: ратни богаташи, клерикални фашисти, монархисти, бугараши, вмровци… Сепак струмичани веќе ја имаат сторијата во реална верзија. Во петокот на 10-ти август на терасата во куќата на Јарамов групата со патриотски песни прославува. Улицата таа ноќ се исполнува со агенти на УДБА, а одредени лица го предупредуват семејството Топчеви дека детето им е во голема опасност.
Така, наредната вечер некои од децата се уапсени после игранката крај базенот на дом на ЈНА вечерта на 11- ти Август во сабота. Кога екипата била комлетирана во зградата на УДБА (одземената куќа на Калкашлиеви) на 12-ти август петте студенти биле одведени на Дорломбос и после дополнително мачење биле ликвидирани. Ликвидацијата е еден од современите масакри на Македонија.
Врзани со жица за рацете, со влезни рани нанесени од блиску и, со истрел во чело, во око, во врат со дамки од претходно тепање телата се донесени на градските гробишта. Искусниот лекар Белев веднаш утврдил дека се убиени во текот на денот 13-ти август понеделник. Таа вечер Струмица била во солзи и во страв. Некои од татковците на студентите црната вест ја добиват во затворите. Поминуват деновите, болка ги свива семејствата и стравот не им дозволува ниту да ги подигнат очите кон зградата на Собранието на Општината кое со свои пари го изградиле. Секој ден и при средба на погледите, во секој двор и кат се слуша: Никогаш да не се повтори !