Политичар, економист, публицист и романописец, тој беше сведок и учесник во најголемите и најзначајни настани од поновата македонска историја. На 88-годишна возраст почина Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на независна, суверена и самостојна Република Македонија.
Андов е роден во Кавадарци на 30 ноември 1935 година. Основното образование и гимназија завршил во родниот град, дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград.
Политичар, економист, публицист и романописец, тој беше сведок и учесник во најголемите и најзначајни настани од поновата македонска историја.
Андов извршувал повеќе републички и сојузни општествено-политички функции во поранешна Југославија. Во три мандати бил член на Сојузниот извршен совет во Белград, претседател на Сојузната комисија и вонреден и ополномоштен амбасадор на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во Ирак, функција која ја извршува од 1987 до 1991 година.
Стојан Андов беше признаен како политичар од времето на поранешна Југославија, ориентиран кон пазарната економија, искусен политички преговарач во современиот домашен политички амбиент, но и како политичар со меѓународна репутација во преговорите со странските експерти од областа на економијата, политичкиот систем и човековите права.
Забележана ќе остане неговата улога на преговарач во контактите на поранешна Југославија со експертите на Европската економска заедница (сега Европска Унија) во периодот од 1971 до 1987 година.
За време на вршењето на своите функции, и во поранешна Југославија и во независна Македонија, тој оствари средби со голем број светски политичари и учествуваше на меѓународни настани од голема важност за државата.
Претседателот на реформските сили на Југославија го назначи за главен координатор во формирањето на Сојузот на реформските сили на Македонија, по што стана основач и водач на политичката партија Реформски сили – Либерална партија.
Како претседател тој ја водеше партијата сè до нејзиното спојување со Демократската партија во 1997 година, кога е избран за претседател на новоформираната Либерално-демократска партија (ЛДП). Бил избран и за потпретседател на Либералната интернационала.
На првите повеќепартиски избори во земјава е избран за пратеник, а на 8 јануари 1991 година Стојан Андов е избран за претседател на првиот парламентарен состав. Во три мандати беше претседател на Собранието на Република Македонија.
Тој ги водеше седниците на Собранието со препознатлив стил и остави сопствен печат по кој ќе го паметат и пратениците и граѓаните.
По неуспешниот атентат на претседателот Киро Глигоров на 3 октомври 1995 година, Андов привремено ја вршеше и функцијата претседател на Република Македонија.
Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори во 1999 година, но не успеа да се пласира во вториот круг.
Како пратеник, бил и претседател на Постојаната анкетна комисија за човековите права и слободи на граѓаните од 2002 до 2006 година и претседател на собраниската Комисија за уставни прашања од 2006 година.
Андов се занимаваше и со теоретски прашања од областа на економијата, со публицистика и со книжевност. Автор е на повеќе книги од економскиот и политичкиот систем, како и од областа на книжевноста.
Фален и оспоруван, тој не остави никого рамнодушен.
Стојан Андов од бракот со сопругата Марија има две деца, синот Бошко и ќерката Лилјана.
На 8 септември 2021 година, на 30-годишнината од независноста на државата, беше одликуван со орден „8 Септе мври“.