strumica denes logo

АНКЕТА: Само 18 отсто од Грците имаат позитивно мислење за Македонија

Автор:

Датум:

јуни 20, 2024

Автор:

Датум:

јуни 20, 2024

Mногу Грци имаат негативно мислење за Македонија и не сакаат таа да биде дел од Европската Унија(ЕУ).

Четворица од десет Грци (43 отсто) имаат неутрално мислење за Северна Македонија, 37,5 негативно, а само 18 отсто позитивно. Поделено е мислењето за поддршката на ЕУ перспективата на земјава, а Договорот од Преспа за 38,5 отсто од анкетираните е штетен. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, во соработка со солунскиот Универзитет Македонија и Фондацијата Конрад Аденауер, јави дописничката на МИА од Атина.

Истражувањето, спроведено во втората половина на април е на тема грчкото јавно мислење за односите меѓу Грција и Албанија, меѓутоа вклучени се и прашања што се однесуваат и на другите земји од регионот, меѓу кои и Македонија.

На прашањето „Какво е вашето мислење за …“ на анкетираните им се понудени Турција Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Србија и Израел и можностите да одговорат дали имаат позитивно, негативно или неутрално мислење.

Позитивното мислење, највисоко е за Србија, 60 отсто, а негативниот став, најголем е за Турција, 65 проценти. За нашата земја, како и за Албанија, преовладува неутралното мислење.

Доколку се направи споредба со претходното истражување пред пет години за истото прашањето и конкретно за Северна Македонија, резултатите тогаш биле за нијанса полоши со оглед на тоа што негативно мислење имале 40,5 отсто (сега се 37,5 проценти), неутралниот став бил исто така 40,5 отсто (сега 43 проценти), а позитивното мислење се зголемило за еден процент од 17 отсто во 2019 година на 18 проценти сега.

Во однос на европската перспектива на регионот, најголема е поддршката за Србија, најмала за Турција. На прашањето „Дали вие лично би ја поддржале кандидатурата на следните земји да станат членки на Европската Унија …“, за Северна Македонија, 52,5 отсто одговориле „не“, 45 проценти дале позитивен одговор, а останатите 2,5 отсто одбиле да одговорат.

На прашањето „Колку беше корисен Договорот од Преспа за Грција?“, негативно одговориле 38,5 отсто, односно 22 проценти рекле „многу штетен“, а 16,5 отсто „донекаде штетен“, а „ниту корисен ниту штетен“ како одговор го одбрале тројца од десет анкетирани, додека пак три проценти одбиле да одговорат.

Останатите 28,5 отсто сметаат дека Договорот е „донекаде корисен“ (19 проценти) и „многу корисен“ (9,5 отсто).

Истражувањето на Фондацијата за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП-Програмата за Југоисточна Европа, во соработка со Фондацијата Конрад-Аденауер – Канцеларијата за Грција и Кипар и Единицата за истражување на јавното мислење и пазарот на Истражувачкиот институт на Универзитетот во Македонија во Солун, e направено од 15 до 21 април 2024 година со анкетирани 1.165 луѓе по случаен избор.