strumica denes logo

МАТУРСКИ КАКО МИНИ СВАДБИ: Одбележување на зрелост или социјален натпревар помеѓу родителите?!

Автор:

Датум:

мај 21, 2024

Автор:

Датум:

мај 21, 2024

Во ек на матурските забави во земјава, кога илјадници матуранти го одбележуваат започнувањето на зрелоста и периодот кога се наоѓаат на животен крстопат и треба да го изберат својот професионален пат, јавноста сведочи на слики кои се повеќе промовираат помодарство и кич, со што се извртува вистинското значење на матурата.

Да се биде дел од толпата, која матурските прослави ги доведе до ниво на мини-свадби, очигледно станува се поприфатена пракса кај нас.

Дури и се подигаат кредити, за да се направи матурска забава во раскошен стил, се канат и по стотина гости во ресторани, се даваат големи суми на пари за гардеробата на матурантите, се ангажираат познати бендови, а некои родители дури и поклонуваат автомобили на своите матуранти, за што поцеремонијално да ја земат својата партнерка.

Според трендовите кои доминираат последниве години, матурата наместо да биде симбол на преминување од тинејџерство во зрелост и самостојност, кога некои се одлучуваат да студираат, а други да работат и започнуваат ново животно поглавје, кое првенствено значи одговорност и промовирање на вистинските вредности, кај нас матурата станува еден вид на натпревар помеѓу родителите на матурнатите.

Кој ќе купи поскапа и брендирана гардероба, кај кој професионален шминкер ќе се прави шминка, кој ќе го украси пораскошно ресторанот во кој се слави, кој какво мени ќе им понуди на гостите, кој ќе купи полуксузен поклон…

Константните поплаки дека сме сиромашна земја во која едвај се врзува крај со крај, за многумина се ставаат на пауза додека трае матурската еуфорија. Па така, неретко се подигаат и кредити, се со цел да се биде во тренд, да се прикаже некаква успешност, но и да не се дели детето од останатите, кои не штедат на матурата и ја доживуваат како еден од најзначајните животни настани.

-Подигнавме потрошувачки кредит за да ја организираме матурската забава на нашето дете. Се работи за сума од 3.000 евра. Еднаш се матуранти децата, да се одбележи како што треба, со музика во ресторан, со гости, со гардероба купена во странство. Потоа ќе му ја мислиме за враќање на кредитот, вели родител на матурант, кој по матурирањето сепак не помислувал да го продолжи школувањето, туку веќе подготвувал документи да замине на работа во Германија, кај постариот брат.

Која е потребата од доживувањето на матурата како настан на кој треба да се покаже што е можно поголем раскош, дури и кога реалната слика е поинаква? Дали трката по материјалното треба да се претставува како вистинска животна вредност, со која се одбележува зрелоста, е прашање кое спонтано се наметнува додека сведочиме на слики и снимки од помпезни матурски прослави.

Матурските дури на некој начин стануваат можност да се прикаже некаков статус пред народот и се претворија во социјален натпревар помеѓу родителите.

Истовремено, додека бројни семејства се подготвени да дадат мало богатство за што пораскошна церемонија на полнолетството, да не ги заборавиме и се почестите огласи, во кои хумани граѓани подаруваат матурски фустани и одела, на матуранти од социјално загрозени семејства. Оти и тие не се малобројни во земјава, а матурската забава, без разлика дали е скромна или пак помпезна, сепак воопшто не ја одредува успешноста на матурантот во иднина.