strumica denes logo

Повисока минимална плата или црно ни се пишува

Автор:

Датум:

април 15, 2024

Автор:

Датум:

април 15, 2024

ДЕНАР.МК:

Економските експерти сериозно предупредуваат дека Македонија мора сериозно да ја зголеми минималната плата ако сака да ги задржи и оние малку квалификувани работници кои останаа да живеат и да работат тука.

Според нив, конкуренцијата со соседните земји може да биде предизвик доколку минималецот не биде на исто или на слично ниво како во регионот.

Денар на оваа тема разговараше со професорка на Економскиот факултет во Скопје, која ни изјави дека минималната плата не е важна само за работниците, туку и за целокупната економија во државата.

„Ако не се зголеми минималецот, може да имаме голема бегалска работна сила кон земјите каде што платите се повисоки. Ова го велам во контекст на зголемената миграција на квалификувани работници од Македонија кон земјите во Европската Унија.

Младите и образовани луѓе ги привлекуваат поголемите плати и подобрите услови за живот во странство“, објаснува професорката.

За да се задржат овие работници и да се поддржи домашната економија, експертите се согласуваат дека минималната плата треба да биде конкурентна.

Во спротивно, посочуваат тие, ризикот од одлив на талентите може да биде значителен.

„Владата треба да го разгледа овој аспект и да преземе мерки за зголемување на минималната плата, со цел да ги задржи работниците и да ги поддржи економските потреби на земјата“, велат експертите.

Првиот човек на Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески, минатата недела посочи дека ќе поднесат барање до идната Влада да го одобри Законот за работни односи за јавниот и приватниот сектор, со цел минималната плата да биде повисока или иста како во земјите од регионот.

Со само 367 евра, Македонија има најниска минимална плата во споредба со земјите кандидати за членки во Eвропската Унија од регионот.

Повисок минималец имаат Албанија, Србија, додека, пак, во Хрватска минималната плата е двојно, а во Словенија тројно повисока од нашата.