strumica denes logo

ФЕЈСБУК СТАТУС НА ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ МИТКО БОЈАЏИСКИ: КОЈ ЈА ПОДДРЖУВА УРБАНАТА МАФИЈА ВО СТРУМИЦА?

Автор:

Датум:

април 13, 2024

Автор:

Датум:

април 13, 2024

Текст на Митко Бојаџиски, драмски писател од Струмица:

КОЈ ЈА ПОДДРЖУВА УРБАНАТА МАФИЈА ВО СТРУМИЦА?

Дали знаете дека според законот дваесет проценти од градежното земјиште на кое се градат зградите треба да биде зелена површина? Законот кој е донесен во јануари 2018, значи пред повеќе од шест години, тоа прецизно го кажува. Тоа значи дека ако градежното земјиште е, на пример, илјада квадрати, двесте квадрати треба да бидат зелена површина.

Дали знаете барем една зграда која е изградена последните години во Струмица која има дваесет проценти зеленило а изградени се многу? Ако некој знае, нека посочи. И што е најинтересно, фирмите што ги градат зградите, добро го знаат законот и затоа кога ги поднесуваат проектите во урбанизмот, ги внесуваат тие дваесет проценти, мораат инаку нема да им биде одобрен проектот. Но кога ќе изникне зградата, зеленилото исчезнува. На хартија го има, но во реалноста го нема. Што значи дека веќе одобрените проекти дополнително се променуваат и со тоа стануваат незаконски, стануваат кривично дело. Зеленилото на хартија станува паркинзи или квадрати стамбен простор кои се продаваат за пари. Во прашање се огромни пари, можете сами да ги пресметате.

Како е можно ова да се случува?! Кој го дозволува тоа? Поради кои причини? Какви мотиви се во игра?

Факт е дека урбанизмот кој дава одобрување и градежната инспекција која е должна да врши инспекција дали е се според одобрените проекти, се општински ресори. Факт е дека нивни раководител е градоначалникот. Нема да навлегувам во технологијата на претварање на зеленилото на хартија во паркинзи и стамбен простор, но тоа неоспорно се случува. Тоа може да го види и урбанизмот и градежната инспекција, но и градоначалникот. Струмица не е Токио. А сепак тоа ни се случува како законот воопшто да не постои.

Доколку се почитува законот, градот и ние граѓаните би добиле големо пространство, километри зеленило, нели? Тоа е важно дотолку повеќе што Струмица е еден од најзагадените градови во Македонија и многу пошироко. Се поставува прашање, службите кои треба бидат сервис на граѓаните, дали штитат нечиј интерес, и на чија штета? Проценете сами.

Градоначалниче, ние знаеме дека вашите градежни инспектори можат да бидат многу ажурни кога се во прашање ситни работи кои честопати стануваат големи нерешливи проблеми, но каде се кога се во прашање големи згради кои се голем бизнис и големи пари?

Градоначалниче, како е можно ова да се случува кога во законот јасно пишува дека дваесет проценти треба да биде зелена површина?! Зошто го дозволува тоа урбанизмот? Зошто не реагираат вашите градежни инспектори? Зошто вие како градоначалник го дозволувате тоа? Поради кои причини? Поради какви мотиви?

Дали ние граѓаните можеме нешто да направиме за да се заштитиме? Да. Можеме да се здружиме, да направиме иницијатива или здружение на граѓани и да направиме протести, да бараме оставки, од надлежните институции да бараме истрага и одговорност, можеме и ние самите како поединци да пријавиме од свое име, а можеме и секој конкретен случај да го пријавиме и анонимно како загрижени граѓани во обвинителството.