Наглиот скок на цените на летните аранжмани и на приватното сместување годинава непријатно ги изненади македонските граѓаните. Грција, која важи за омилена летна дестинација на нашите граѓани, станува недостапна за многумина. Цените на сместувањето годинава се зголемени од 20 до 40 отсто, а освен цените на сместувањето, поскапена е и туристичката такса, патарините, гирото, храната во маркетите. Освен во Грција и во Охрид, годинава летувањето ќе биде скапо. Хотелското сместување е зголемено за 30 отсто, а покачени се и цените на приватното сметување.
-Цените на апартманското сместување, кое го користат најголем дел од македонските граѓани годинава е најмногу поскапено. Цените на аранжманите се зголемени од 20 до 40 отсто во зависност од местото и времето на летување. И хотелското сместување е поскапено, но за хотелите нема голем интерес. Освен цените на сметување, зголемена е и туристичката такса од 0,50 центи на ден на 1,5 евра за приватното сместување и од 3 до 10 евра за хотелите во зависност од категоријата, велат за весникот ВЕЧЕР од туристичките агенции.
Во Грција поскапена е и храната во маркетите и рестораните, цените на лежалките на чадори, гирото, кафето, пивото…
Од агенциите велат дека летово поскапо ќе биде и изнајмувањето на лежалки и чадор поради иницијативата да нема веќе плажи во Грција каде што е забрането да ставите чадор и пешкир. Имено, на повеќето плажи во Грција од годинава половина од плажата мора да биде достапна за секого, а другата половина да биде со лежалки.
-Во пресметката на трошоците за одмор, доколку летувате во Грција, треба да го вклучите и поскапувањето на патарините. Поскапувањето во просек изнесува нешто повеќе од 7,5 отсто, што би значело дека на грчките патарини ќе треба да платите и до три евра повеќе од претходната година – велат од агенциите.
Сопствениците на станови во Грција ги покачија цените за дури 40 отсто во споредба со претходната сезона. Така грубата пресметка од агенциите покажува дека годинава само сместувањето во апартман ќе чини 500 евра, а за една недела ќе потрошите минимум 1.000 евра.
Многу туристички агенции најавуваат цени за „ол-инклузив“ варијанти со летови и хотелско сместување, кои се драстично зголемени во однос на минатата сезона. Одморот во Турција, во Кушадаси, во мај годинава чини од 325 евра со автобуски превоз и сместување, додека во сезоната одморот на ова место во хотел чини и до 1.766 евра по лице за осум дена.
Одморот во Хургада чини од 550 евра во мај, додека во сезона седум дена од 1.300 евра по лице.
За вљубениците во Шпанија, летниот одмор ќе чини од 690 до 1.934 евра по лице во сезоната. Меѓу понудите може да се најде и Кипар, каде што седум ноќевања во јуни чини од 725 евра за билет и полупансион.
Оние кои планираат да одат на црногорското приморје ќе плаќаат значително поевтино сместување, каде што стан за еден ден чини од 30 евра па нагоре, во зависност од опременоста на објектот и локацијата.
И во Охрид годинава цените ќе бидат солени. Хотелите веќе ги зголемија цените за 30 отсто, а поскапено е и приватното сметување.
Од Асоцијацијата на хотелиери велат дека поскапувањето се должи на високите цени на производите, енергенсите, но и повисоките плати што тие им ги даваат на работниците за да ги задржат, односно да не се доведат во ситуација да немаат работници поради големиот наплив на Македонци кои во текот на летото заминуваат на работа во Хрватска.
Од ХОТАМ велат дека и покрај поскапувањето на услугите, Македонија останува најевтина дестинација во регионот и покрај тоа што нема веќе од 20 и нешто евра за ноќевање, туку е 30 и нешто евра, а некаде и повеќе.