strumica denes logo

КАДЕ СЕ МЛАДИТЕ? Имаме 19.240 млади невработени, а бизнисот не знае како да најде работници!

Автор:

Датум:

февруари 27, 2024

Автор:

Датум:

февруари 27, 2024

Според најновите податоци од Агенцијата за вработување, на крајот на 2023 година официјално, како активни баратели на работа (невработени) на возраст од 15 до 29 години биле регистрирани 19.240 лица што претставува 18,2% од вкупниот број на невработени.

Од вкупниот број на невработени лица во државата, по над 10.000 има само во три градови, Скопје, Тетово и Куманово, пишува Порталб.мк.

Освен во овие три градови „младинската“ невработеност е највидлива и во Гостивар и во Прилеп каде се регистрирани и најголем број на невработени до 29 години. Од вкупниот број невработени, 18,2% се млади од 15 до 29 години.

Според најновите податоци од Агенцијата за вработување, на крајот на 2023 година официјално, како активни баратели на работа (невработени) на возраст од 15 до 29 години биле регистрирани 19.240 лица што претставува 18,2% од вкупниот број на невработени. Но дополнително во Агенцијата се регистрирани уште 47.300 лица како „пасивни“ баратели на работа во кои повторно се појавуваат млади лица но возрасната структура на оваа група невработени не е објавена. И покрај тоа што статистиките во континуитет регистрираат одлив на младо работоспособно население од една страна и постојаното намалување на невработеноста на државни ниво од друга страна, „младинската“ невработеност и натаму останува голем проблем.

„Порталб“ направи збирна анализа на бројот на невработени според возраста по градови, податоците покажуваат дека освен Скопје, со најголем број на невработени од 15 до 29 години се и Гостивар, Куманово, Тетово.

Конкретно, во Скопје, каде што е концентриран најголем дел од вкупниот број на невработени, на крајот на минатата година биле евидентирани 4.076 активни баратели на работа до 29 години. На следните четири места се Тетово со скоро 2.700 невработени, Куманово речиси 2.000, Гостивар со скоро 1.400 и Прилеп со нешто над 1.100 невработени на возраст од 15 до 19 години. Преку Оперативниот план 2024, годинава планирано е да се обезбеди вработување на 11.622 лица, најголем дел млади до 29 години. Познавачите коментираат дека од ваквите мерки кои ја таргетираат „младинската“ невработеност мора да се спроведуваат системски и рамноправно по региони.

– Многу е важно мерките да се достапни подеднакво за сите, во сите региони. Да не се повторуваат исти лица со мерките, поточно едни лица во континуитет да користат мерки, а други лица да не успеат во тоа, ако знаеме дека се работи за принцип „прв дојден прв услужен“ од сите што аплицираат и ги исполнуваат критериумите – вели една од поранешните директорки на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска.

Годинава Оперативниот план „тежи“ 32,4 милиони евра а најкористени мерки се „самовработување“ и „субвенционирање на плати“. Едно од клучните прашања е дали мерките даваат долгорочен ефект.

– Потребна е и анализа за тоа дали лицата корисници на мерки се во работен однос и после истекот на договорот со кој користеле грант, односно за кои биле плаќани субвенции врз основа на што би се констатирало дали мерките се одржливи. И кај лицата кои посетувале обуки е важно да се знае колкав процент од нив се вработиле и дали сè уште работат. И ова е исто така показател дали има успех со мерките за обуки – вели Јовановска.

Иако податоците од Агенцијата за вработување но и од Заводот за статистика покажуваат намалување на вкупната невработеност, за овој проблем и натаму се бараат решенија се трошат десетици милиони евра за негово сузбивање.

Во државата има три градови во кои официјално се евидентирани по над 10.000 невработени. Во Скопје на крајот на минатата година имало 22.863 невработени, во Тетово 13.198 и во Куманово 10.716.

Дел од економистите веќе оценија дека владините мерки за „стимулирање“ на вработувања на млади лица се добредојдени но дека ефектите се „невидливи“ поради повеќе причини, опфатот на млади лица со мерките е мал, одлуките за отворање на бизнис не зависат само од финансиите туку и од економско-политичкото опкружување, присуство на корупција, квалитетот на образованието, можноста за напредување.