strumica denes logo

Денес се празнува Свети Кирил, учител словенски

Автор:

Датум:

февруари 27, 2024

Автор:

Датум:

февруари 27, 2024

Светиот рамноапостолен Кирил, учител словенски (до примањето на монашка схима – Константин), и неговиот постар брат Методиј, се родени во Македонија, во градот Солун. Светиот Кирил стекна одлично образование, од 14 годишна возраст воспитувајќи се заедно со синот на императорот. Тој рано прими презвитерски чин. Во Константинопол беше библиотекар на соборната црква и учител по философија. Светиот Кирил со успех водеше спорови со еретиците иконоборци. Стремејќи се кон осаменички живот, се повлече на гората Олимп, во манастирот каде што игуман беше неговиот постар брат Методиј, но набргу потоа обајцата беа испратени од императорот Михаил на мисионерско патување заради проповедта на христијанството кај хазарите. Патувајќи, тие ги најдоа моштите на свештеномаченикот Климент, папа Римски. Хазарскиот кнез беше убеден во проповедта на светиот Кирил, па тој и целиот негов народ го примија христијанството. Благодарниот кнез сакаше богато да ги награди проповедниците, но тие одбија да примат дарови, туку наместо тоа побараа тој да ги пушти сите заробени Грци, кои потоа заедно со нив се вратија во Константинопол. Во 862 година, на барање на моравскиот кнез Ростислав, императорот ги испрати да го проповедаат христијанството во Моравија, на словенски јазик. Светите Кирил и Методиј по Божјо откровение ја составија словенската азбука (глаголицата) и ги преведоа на словенски јазик Евангелието, Апостолот, Псалтирот и мноштво други богослужбени книги. Тие го воведоа служењето на словенски јазик. Светите браќа беа повикани во Рим од римскиот папа Адријан I, кој ги прими со голема почест, бидејќи тие ги донесоа со себе моштите на светиот Климент Римски. Во Рим, по природа болежливиот и слаб, свети Кирил се разболе, и пред смртта примајќи монашка схима, се упокои во 869 година, на 42 годишна возраст. Неговите мошти се во црквата на светиот Климент Римски.