Целиот Балкански Полуостров, вклучувајќи ја и Македонија во следниот период ќе биде под влијание на моќен Џеновски циклон и на влажни воздушни бранови, но и под силно јужно и југозападно воздушно струење кое и понатаму ќе ни носи натпросечно високи температури на воздухот.
Во голем дел од регионот се очекува олуен јужен ветер кој би можел да направи и штети, а поради очекуваните обилни дождови се можни и локални поројни поплави.
Кај нас исто така во деновите кои се пред нас, особено од ноќта вторник кон среда ќе има повремени локални врнежи од дожд. Голем влажен воздушен бран кај нас се очекува во петок навечер и во текот на ноќта кон сабота, како и во сабоа кога насекаде ќе има врнежи од дожд, на повеќе места интензивни и локално проследени со појава на грмежи и со силен јужен ветер, а не се исклучува можноста овие процеси да бидат застапени во форма на невреме, кога е можна и појава дури и на град.
Во петок на повеќе места ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (локално над 80 км/час). Ветерот ќе продолжи и во деновите потоа и повремено ќе биде засилен на интензитет и од југозападен правец.
До недела локално кај нас ќе наврне позначително количество на воден талог (над 50 л/м2).
Температурите иако за некој степен пониски, сепак и понатаму ќе бидат над просекот за овој период од годината и максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 17 до 24 степени.
Барем според моменталните анализи, појава на мраз и на поголемо заладување кај нас не се очекува во првата половина од месец ноември, што значи и покрај врнежите продолжуваат пролетните температури, иако навлегуваме се подлабоко во есента.