strumica denes logo

Битиќи: Чипсот и сладоледот поскапуваат затоа што се нездрава храна за луѓето!

Автор:

Датум:

октомври 7, 2023

Автор:

Датум:

октомври 7, 2023

Во одредени земји, сладолед, чипс и мастики, спаѓаат во нездрави производи затоа што имаат повисока шеќерна вредност и тоа не е здраво за населението, па затоа имаат трипати повисоки даночни стапки. Ние тоа не го правиме, но не сметаме дека овие производи спаѓаат во основни прехранбени производи – рече вицепремиерот Фатмир Битиќи, одговарајќи на прашање зошто некои производи, како сладолед, влегле во групата луксузни производи за кои е предвиден повисок ДДВ.

Сепак, Битиќи, се согласува дека списокот треба да се ревидира за одредени производи и тоа на следната владина седница.

– Има одредени реакции за одредени продукти. Штом ја добиеме листата, во вторник може да се ревидира одлуката. Реакцијата е за 10 до 15 продукти – рече Битиќи.

Тој се согласува дека некои од производите не треба да бидат во графа луксузни, а некои не.

– Се согласувам дека млечен намаз со висока масленост од овчо млеко, треба да биде во несекојдневен основен продукт и да има стапка од 10%. Такви работи сметам дека треба да се сменат. Треба јасно да се каже за кои продукти се однесува – рече Битиќи.

Вицепремиерот рече дека со одлуката за зголемување на ДДВ се опфатени 358 категории производи, не 1.000 и дека погрешно е прочитана, но не знаеше да каже зошто ајварот останува со 5%, а лутеницата со 10% повисок данок.

Според него, одлуката има два дела – продукти коишто спаѓаат во повластена даночна стапка од 5% и таму е дефинирано за разлика од претходното дефинирање во законот.

– Понатаму, можам да ве насочам во одлуката која е на 66 страници. Има вкупно 358 продукти или царински тарифи со одредени продукти кои спаѓаат во новата стапка од 10%. Ако трговците и производителите, различно ја прочитале или не е доволно јасна, ние можеме истата да ја објасниме и на следната владина седница да го решиме тоа – рече Битиќи.