Наместо трошење време на нови дуели и лидерски средби надвор од политичките процеси, на граѓаните и на државата им е потребна обединетост, со цел земјата да продолжи по европскиот пат, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната неговата посета во Ваташа каде присуствуваше на одбележувањето на 80 години од стрелањето на 12 ваташки младинци и запрашан дали има одговор од Ковачевски за дебата рече дека јасно е дека Ковачевски е киднапиран домазет во својата Влада, се плаши да оди на избори, се плаши да излезе на ТВ дуел, и таква е ова политичка матрица на овие луѓе.
-Човекот е кукавица, човекот е киднапиран домазет во својата Влада, се плаши да оди на избори, се плаши да излезе на ТВ дуел, таква е ова политичка матрица на овие луѓе. Освен тоа што уште некое време ќе бидат таму каде што се, јас не очекувам било каква креативност, еднаш кукавица, цел живот кукавица. За да нема вака кажавме така кажавме, средба на тимови, средба на лидери, еве јавно пред македонската јавност, очи во очи да си кажеме тоа што сакаме па народот нека суди и нека пресудува, рече тој.
Според Ковачевски европскиот пат не е пат сам за себе, ниту пак одлуката е одлука сама за себе, тоа е еден од чекорите за остварување на втората цел на државата, после членството во НАТО, зачленување во ЕУ, рече Ковачевски.
Тој порача дека затоа сите политички чинители во државата треба да бидат посветени на процесот за уставните измени, за што поттик, доверба и поддршка имаме од сите земји членки на Европската Унија, како и од Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.
Она што во моментов ни треба е продолжување на дијалогот на ниво на работни групи коишто ќе треба да ги договорат деталите на процесот како ќе се одвива во иднина. Бидејќи ако опозицијата ги кажа своите ставови, а тоа е дека нема проблем со вметнувањето на други делови од народи, вклучително и бугарскиот, во нашата Преамбула, тоа го кажаа јавно, дека се согласни да влезат во Владата, дека се согласни таа Влада да ги заврши уставните измени, да ги отвори поглавјата, да го заврши скринингот итн. и потоа да се оди на избори, прво со техничка Влада, согласно со закон и дека Парламентот може да носи таква одлука, тогаш не гледам пречка зошто не би продолжила работата во работните групи, истакна премиерот.
Ковачевски додаде дека уставните измени се регулирани согласно законската процедура и тие во моментов се наоѓаат во работните тела на Владата, па штом ќе биде завршено нивното финализирање и формализирање од технички аспект и содржински ќе бидат доставени до Парламентот каде што ќе отпочне процедурата.