На сите регистарски таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“, се става налепница со идентична димензија како вертикално поставената ознака „МК“, на која е испишана националната ознака „НМК“. Ова е новиот член на изменетиот Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на регистерските и на пробните таблици на возилата, кој го подготви МВР, а на 5 јуни е објавен во Службен весник број 114. Дополнително ќе се утврди цената на чинењето на новите налепници, а неофицијално тие ќе може да се набавуваат во станиците за технички преглед во државата. Инаку, обврската за замена на сите регистерски таблички кои не ја содржат ознаката на НМК е најдоцна до 12 февруари 2024 година.
На сите регистарски таблици кои не ја содржат буквената ознака „МК“, во делот пред регистрационото подрачје се става налепницата на која е испишана националната ознака „НМК“. Налепницата е изработена од рефлектирачка фолија која е отпорна на временските услови и други надворешни влијанија. Формата и големината на налепницата се прикажани со слика во прилогот кој е дел од новиот Правилник – пишува во објавата.
Владата во средината на мај ја усвои Информацијата во врска со потребата од ставање налепници со „НМК“ ознака на регистарските таблички, на предлог на МВР, а според министерот Оливер Спасовски, тоа значи дека „ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци за издавање повеќе нови документи/лиценци/сертификати, кои се поврзани со бројот на регистарската табличка, а истовремено во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Македонија“.
И граѓаните и транспортерите ја поздравија одлуката на Владата, која ќе им заштеди и време и пари. За одлуката треба да се известат ЕК и другите земји дека ова е официјална владина одлука за да нема проблеми при преминувањето на границите. Ова решение на граѓаните ќе им заштеди 1.600 денари, а на транспортерите ќе им го скуси трошокот од 5 до 10.000 евра.