Доколку утре се одржат парламентарни избори, дури 21,5% од граѓаните би го дале својот глас за ВМРО-ДПМНЕ, додека, пак, за СДСМ би гласале само 13,9% од граѓаните, покажуваат резултатите од теренската анкета на НДИ, направена во април годинава врз 1.003 испитаници.
„За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 21,5% од граѓаните, за СДСМ би гласале 13,9%, за ДУИ 6,2%, за Алијансата за Албанците 3,4%, Беса би добила поддршка од 3,6%, за Левица би гласале 2,9%, а за Максим Димитриевски би гласале 1,7% од граѓаните. Со ‘не знам’ за кого ќе гласам се изјасниле најголем дел од испитаниците, дури 18,3%, а одбиле да дадат одговор 8,5% од граѓаните“, наведено е во соопштението.
Според резултатите, 56% од испитаниците сметаат дека државата се движи во погрешна насока, додека само 11% се изјасниле дека државата се движи во правилна насока.
Резултатите од анкетата спроведена еден месец порано, во март 2023 година, пак, покажуваат дека за само еден месец најмногу пораснал процентот на граѓани кои ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а очигледно, најмногу поддршка загубиле партиите на власт – СДСМ и ДУИ.
„Анкетата спроведена во март 2023 година прикажува дека 17% од испитаниците ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 12% за СДСМ, 8% за ДУИ, 4% за Левица, 3% за Алијанса за Албанците, 1% за Беса“, информираше НДИ.