На Факултетот за електротехника и информациски технологии се одржа завршна конференција во рамки на меѓународниот проект „WideHealth“, кој беше фокусиран на паметни уреди и технологии, е-здравје; здравство водено од податоци; вештачка интелигенција и машинско учење за здравство. Проектот е од програмата Хоризонт 2020 од Европската Унија и има цел да овозможи нова генерација млади истражувачи во областа на е-здравството, кои со помош на најновите технологии и вештачката интелигенција, ќе истражуваат и ќе наоѓаат нови технолошки решенија. Во овој проект учествуваа партнери од пет држави: ФЕИТ/УКИМ – координатор на целиот проект, Институтот Јожеф Стефан од Словенија, University of Lisbon од Португалија, Италијанскиот истражувачки центар FBK (Fodazione Bruno Kessler) од Италија и Hasso-Plattner-Institut (HPI) од Германија.
Проектот овозможи креирање на база од околу 500-тина научници, експерти, професори и студенти од Македонија, Португалија, Германија, Италија, Словенија, Нигерија, Перу, Франција и од Јапонија, кои на најразлични начини учествуваа во многубројните активности на проектот.
„Ова беше уникатна можност на ФЕИТ и УКИМ да го водат овој проект, а со тоа да придобијат експертиза и препознатливост во светски рамки преку организирање на голем број на меѓународни научни настани. После 30 месеци работа на овој проект и остварување на огромен број на активности, како и работа на голем број на научни трудови, со гордост можеме да кажеме дека направивме огромен напредок и веќе сме препознатливи во светски рамки во оваа област на е-здравство и вештачка интелигенција применета во е-здравство“, објаснува проектниот координатор, вонреден професор д-р Христијан Ѓорески.
Според професор д-р Оскар Мајора, раководител на одделот за Дигитално здравје при италијанскиот истражувачки центар Fodazione Bruno Kessler, учеството во проектот било збогатувачко искуство на многу начини. „Од една страна, овозможи да ја спроведеме нашата експертиза во областа на проектната администрација и управување со истражувачки групи, овозможувајќи споделување на нашите искуства во овој домен со други колеги на европско ниво. Од друга страна, учеството во проектот овозможи да се стекнеме со знаење за најсовремените аспекти на дигиталните здравствени технологии, со најновите трендови на вештачката интелигенција во оваа област, како и аспектите поврзани со човечките фактори и најновите регулаторни и етички аспекти во овој домен. Проектот овозможи да се спроведат истражувачки размени во кои младите истражувачи и студенти имаа можност да ги прошират своите хоризонти во светот на истражувањето. Исто така, на поискусните истражувачи им беше овозможено подобро да ги фокусираат своите идни активности имајќи ја предвид темелната визија за развој на истражувањето, вклучувајќи ги клучните аспекти на финансирање на истражување, управување со интелектуална сопственост, искористување на резултатите и можностите што ги носат структурираното стратешко партнерство и активностите за вмрежување. Севкупно, проектот претставува одлична можност за поставување на основата за идна соработка меѓу партнерите од конзорциумот и за подобро позиционирање на поединечните институции учеснички во европската истражувачка арена“.
Митја Луштрек, професор на отсекот за Интелигентни системи и раководител на групата за Амбиентална интелигенција при Институтот Јожеф Стефан вели дека „проектите финансирани од Европската комисија во рамки на програмата Хоризонт се исклучително конкурентни и обично се финансираат само оние кои ветуваат напредни и тешко остварливи резултати. Како последица на тоа, работата на вакви проекти е напорна бидејќи треба да се направи многу предизвикувачка работа до тесните рокови. И додека истражувачите се типично компетентни луѓе кои се желни да одговорат на ваквите предизвици, им треба време и да научат за најновите достигнувања во нивните области и да се сретнат со колегите за да разговараат за истражувачките проблеми и агенди. Ова е особено точно за младите истражувачи кои сè уште ги учат основите на својата професија. WideHealth беше одлична можност за нас, бидејќи го овозможи токму ова: стекнавме многу нови знаења преку три тематски училишта и многу семинари; млади истражувачи работеа на мали проекти каде што можеа да направат истражување соодветно за нивните вештини и организиравме голем број активности како што се работилници, конференција и специјален број списанија, важни елементи на академскиот живот. И покрај порелаксираната атмосфера во проектот или можеби поради неа, направивме одлична работа како што е потврдено со бројни публикации. Дополнително, воспоставивме нови професионални врски и пријателства, кои добро ќе служат во иднина“.
Во рамки на 30-месечниот проект се организираа 3 меѓународни школи, 4 курсеви за е-здравство (кои се јавно достапни и младите може да се образуваат за е-здравството), околу 20 семинари на теми и околу 20 научни трудови. „Со овој проект, нашиот факултет ФЕИТ и Универзитетот УКИМ се препознаени како значаен фактор во сферата на вештачката интелигенција и машинското учење во делот на е-здравството. Материјалите кои што успеавме да ги создадеме се јавно достапни за сите кои што ги интересира оваа тематика. Како координатори на овој проект стекнавме дополнителни знаења и искуство за менаџирање на вакви проекти“, објаснува Ѓорески.