Претседателот Стево Пендаровски ќе ги потпише предложените измени на законите за олеснување на проектот за Бехтел и Енка, кои Собранието ги изгласа во петокот. Тој образложи дека по неговите јавни изјави оти нема да потпише 60-часовна работна недела затоа што е неуставна, во указот што стигнал кај него таков предлог немало.
Претседателот извести дека ќе ги потпише сите пет измени на законите, односно измени на Законот за работни односи, на Законот за експропријација, на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за градење и на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите.
„Во однос на Законот за именување и дополнување на Законот за работните односи, сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд, која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Изминативе месеци дадов изјави дека нема да потпишам указ за прогласување закон што содржи одредба која претходно е оспорена од Уставниот суд и во таа насока новиот закон не ја содржи формулацијата 60-часовна работна недела. Изминативе денови направив низа консултации со експерти од областа на трудовото право, со поранешни судии од Уставниот суд и со советниците во мојот кабинет. Донесов одлука да го потпишам указот за донесување на овој закон и на другите четири закони“, рече претседателот Пендаровски.
Собранието ги изгласа петте закони за Бехтел и Енка откога тие вторпат беа предложени. При првиот обид, кога измените на законите беа предложени од пратеници, заглавија во собраниска процедура, а опозицијата недвосмислено рече дека ќе ги блокира.
За да ја заобиколи блокадата, Владата ги предложи измените на петте закони со европско знаменце и покрај забелешките од амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, дека знаменцето е злоупотребено оти не се работи за усогласување со европското законодавство.