strumica denes logo

Денес се празнуваат Светите маченички Агапија, Хионија и Ирина

Автор:

Датум:

април 29, 2023

Автор:

Датум:

април 29, 2023

Родени сестри од околината на Аквилеја. Кога царот Диоклецијан беше во Аквилеја, нареди да го погубат прочуениот духовник Хрисогон. Во тоа време еден стар свештеник Зоил имаше видение во коешто му се откри каде се наоѓа непогребаното тело на Хрисогон. Старецот побрза, го најде телото на маченикот, го положи во ковчег и го чуваше во својот дом. Триесеттиот ден по ова му се јави свети Хрисогон и го извести за овие маченички дека ќе пострадаат во следните девет дена, а дека и самиот ќе се претстави во тоа време. Вакво известување прими во видение и светата Анастасија Узорешителница, која беше тргнала по својот учител Хрисогон. И навистина, по девет дена се претстави и старецот Зоил, а и оние три сестри беа изведени на суд пред царот. Царот ги советуваше светите девојки да им се поклонат на идолите, но тие го одбија и ја исповедаа својата тврда вера во Христа. Света Ирина му рече на царот дека е глупаво човек да им се поклонува на предмети изработени од дрво или камен, нарачани за спогодена цена, направени од раце на смртен човек. Царот се разјари и ги фрли во затвор. Кога царот тргна за Македонија, со него ги поведоа сите негови робови и заробеници, меѓу кои и овие три светителки. Царот им ги даде на еден војвода Дулкитиј за мачење. Војводата се распали со мрачна страст и сакаше да ги оскверни девиците, но кога сакаше да влезе кај нив во затворот во времето кога беа на молитва пред Бога, тој полуде и почна да прегрнува и бакнува некои црни котли и лончиња што се најдоа таму и така си отиде сиот поцрнет. Кога слушна за ова, царот му нареди на еден друг војвода, Сисиниј, да го преземе судењето на трите христијанки. По тешки мачења судијата ги осуди првите две сестри на смрт во оган, а Света Ирина ја задржа уште некое време кај себе надевајќи се дека ќе може да ја оскверни. Но, кога ја испрати со војници во блудилиштето, Божјите ангели ја спасија чистотата на девицата, војниците ги вратија, а нејзе ја изведоа на еден рид. Утредента војводата излезе со војниците на оној рид, но не можеа да се качат, па им нареди на војниците да ја убијат со стрели. Света Анастасија ги собра телата на едно место и чесно ги погреба. Пострадаа за Христа околу 304 година.