Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу на вчерашната прес-конференција во Владата информира дека за период од една година ќе биде завршен процесот за формирање на Агенцијата за дигитализација, чиј еден од столбовите ќе биде кибер безбедноста.
– Кибер безбедноста е предизвик за цел свет. Колку што сме дигитализирани, толку повеќе можности имаме да бидеме изложени на кибер напади. Идејата на Агенцијата за дигитализација е таа, да биде чадор за целата држава во која што освен инфраструктура, софтверски решенија, еден од главните столбови е кибер безбедноста. За жал, уште сме далеку од таа реализација. Се очекува за пет-шест месеци до една година да ја имаме таа Агенција, рече Алиу.
Министерот одговарајќи на новинарско прашање истакна дека моментално државните институции се и цел на кибер напади, при што од страна на институциите се прави максимумот за да бидеме безбедни во овој период.
– Моментално состојбата со државните институции е како што е во цел свет. Имаме напади, но се справуваме на ниво на институции. Кога ќе имаме таков тип на институција како Агенција за дигитализација, ќе ги имаме најдобрите експерти на едно место и полесно ќе се обезбеди тој пристап до информации во кои што се лоцирани, а кои што не се информации што треба да пенетрираат во самиот процес. Таков тип на каскаден систем ќе обезбеди Агенцијата. Максимумот ќе прави од институциите да бидеме колку-толку безбедни во овој период, рече Алиу.
За случајот со објавувањето на видеото на социјалната мрежа Тик-Ток на анестезиологот од Тетово, Алиу смета дека тоа е сериозен преседан.
– Ова е предизвик за сите земји, а не само за нас. Тоа се дневни процеси во кои што за жал ако немаме добро обучено или информирано население за социјалните мрежи или „футпринт“ или дигитални отпечатоци во кои што ние ги оставаме во социјалните мрежи, ќе се случуваат и вакви настани. За жал, мислам дека е несериозно врз основа на еден случај дневно ако имаме такви злоупотреби, да се забранат социјалните мрежи. Но, исто така мислам дека е многу сериозно како држава да ги анализираме сите процеси и да видиме како се движи и кој тип на информации ќе треба на нашите граѓани да им ги сервираме, да ги информираме со цел да бидат свесни за начинот како се употребуваат и на кој начин. За жал, тие социјални мрежи се многу лесни за употреба, но од другата страна ако не сте доволно информирани можат да настанат вакви злоупотреби. Ценам дека ова е сериозен преседан. Врз основа на ова, ние како Министерство ќе анализираме каков тип на обуки врз основа на системот за обуки за јавната администрација се потребни и ќе креираме мултимедијална содржина во која што ќе ги информираме сите вработени во јавниот сектор на кој начин и како да се употребуваат социјалните мрежи, рече Алиу.