strumica denes logo

(ВИДЕО) ЃОРГИ ТАНУШЕВ: КЛУЧНИ ПОЗИЦИИ ЗА РАБОТАТА НА ОПШТИНА СТРУМИЦА ВО 2022!

Автор:

Датум:

март 19, 2023

Автор:

Датум:

март 19, 2023

СТИГА Е – Струмица:

КЛУЧНИ ПОЗИЦИИ ЗА РАБОТАТА НА ОПШТИНА СТРУМИЦА ВО 2022

КЛИКНИ ОВДЕ ЗА ВИДЕО: https://www.facebook.com/watch/?v=1293906458209386

Почитувани сограѓани,
На седницата на Советот на општина Струмица што се одржа на 15.03.2022 година на дневен ред беше расправа за кварталните извештаи за реализација заедно со завршната сметка за буџетот и сите општински програми за 2022 година. На седницата имав повеќе излагања, но клучно за граѓаните се однесува на следниве точки кои се извинувам зошто се подолги но сепак пожелно е барем да се изгледа видеото или да се прочитаат точките:

1. Реализацијата на приходите од 83% е под очекувањата со оглед на големиот оптимизам низ претходните 3 квартала и треба да се внимава за оваа фискална година зошто може да се лизнеме. Особено треба да се видат причините за тоа кога капиталните приходи се надминати 10% од предвиденото плус вкупните даночни приходи се надминати за 2,5% како и други приходни ставки кои се на високо ниво на реализација, но сепак тоа не е доволно за да се реализира повисоко ниво на вкупната приходната страна.

Веднаш видливо е дека значаен проблем се појавува во ставка 741 трансфери од други нивоа на власт која во делот на основен буџет е реализирана со 200 милиони денари односно со исклучително ниска реализација од само 32%, и за истата ставка 741 трансфери од други нивоа на власт во колоната наменски дотации е реализирана со 36 милиони денари односно со степен на реализација 94,5%.

Поинаку кажано, во текот на изминатата година, центалната власт не си ги исполнила обврските кон општина Струмица за 236 милиони денари што отприлика толку недостасува за планираната реализација. Затоа прашувам каков проблем има на релација Влада и општина Струмица затоа што излегува дека Владата ги занемарила фискалните обврски кон општината и сме биле приморани да се скратуваме. Ова го кажувам особено затоа што последните години сме сведоци на проектирање и реализација на рекордно најголемите државни буџети од независноста наваму.

Гледав извештаи од други општини и видов дека за истата ставка во колона основен буџет е различно реализирана во различни општини. На пример во општина Струга е 92%, за општина Аеродром е 79%, за Град Скопје со 68%, за општина Битола со 77,5%, за општина Велес 57,5%, општина Куманово 43%, општина Струмица 32% и најлошо е во општина Центар со најмала стапка од 25%. Јас не гледам никаква логика барам логично објаснување зошто општина Струмица е поставена во вакви услови од страна на централната власт?

Ова ќе ги интересира и граѓаните зошто сепак многу проекти што се планираа со програмите не се реализираа и од финансиски аспект ова е делумна причина за таа нереализација. Ве молам објаснете зошто имаме реализација од само 32% ставка 741 трансфери од други нивоа на власт а гледаме дека другите општини немаат толкави отстапувања?

2. Интересно е тоа што капиталните приходи се надминати 10% од предвиденото но тоа треба да биде правено внимателно. Надминувањето на приходите од продажба на земјиште е меч со две острици зошто тоа земјиште не е неограничен ресурс и би требало да се распродава со умерено темпо со цел да се остави простор односно време за инфраструктурен развој со што би се формирала поголема вредност на земјиштето а со тоа би се постигнале и подобри цени како и би било одржлива и квалитетна динамика на развој наместо стихијна и со потенцијални проблеми.

3. Капиталните расходи од колоната основен буџет со 58% подразбира дела се малку повеќе од половично остварени. Споредбено со другите општини се наоѓаме некаде на средина. Најмногу има Струга со 89,4%, Центар со 81.6%, Аеродром со 81%, Битола со 77%, Град Скопје со 64%, Струмица со 58%, Куманово со 46,5%, и најмалку Велес со 45,5%. Во апсолутни цифри сме во подобра позиција пред повеќето спомнати општини (3то место од 😎. Од ова се гледа дека веројатно би имале и поголеми реализации доколку централната власт би дозволила повеќе финансии за општина Струмица.

4. Од аспект на реализација на годишните програми ќе ги набројам само оние со послаба реализација, а тоа се програмите: урбанистичко планирање со оперативна реализација 63% и капитална реализација од 70%, заштита на животна средина со оперативна реализација од 71% и капитална реализација од 32%, локален економски развој со оперативна реализација 85% и капитална реализација од 25%, и најслаба е родова еднаквост со оперативна реализација 62%. Добро би било да се образложат причините за овие реализации.

5. Значајно е да се спомне и фактот што општина Струмица издржа со многу мала помош од централната власт и укажува на силна општина што самостојно може да генерира приходи и да менаџира со нив. Споредбено со другите општини ова е силна општина и можеме да бидеме уште посилни.

6. Завршната сметка за 2022 е делумно разочарувачка од аспект на тоа што јасно се гледа натфрлање на приходите од сите приходни шифри кои се под ингеренции на општината и огромна дупка на приходите кои се под ингеренции на централната власт. Дополнително разочарувачки е тоа што во текот на годината не се случила интервенција или барем најава дека постои застој на таа релација и дека ребалансите ги покриваат овие недостатоци без јасно да се наведе причината.

Дополнително разочарувачки е тоа што реализацијата на програмите е арбитрарна и нетранспарентна во текот на годината. Практично и носењето на програмите во такви околности е само проформа и суштински сите програми се подредени на некаков централен филтер кој не ја следи предвидената динамика која е особено значајна за готовинските текови и краткорочна ликвидност при реализација на активностите.

Исто така, во текот на годината нотирав проблеми при слабата и релативно бавна реакција на службите кои треба да спроведат јавна набавка и практично се кочат процесите кои пак понатаму предизвикуваат други забавувања, особено доколку се случи временски да се слеат заедно повеќе различни постапки и да се предизвика проблеми со временски рокови како и финансиски последици при плаќање.

Мора да посочам дека од повеќе места има реакција за временската адекватност на располагањето со финансиските средства кои се неопходни за реализација на активности. Неопходна е поголема ажурност на службите со исплатите кон корисниците согласно предвидените динамики.

Друг проблем е тоа што корисниците на буџетските средства за активностите кои се предвидени во програмите не се навремено известени за било каков застој или откажување и најчесто во таквите примери се случува неизвесност во смисла не се дава никаков одговор и работите се оставени во лебдечка состојба.

Од сето ова произлегува дека дефинирањето на програмите по кој се креира буџетот согласно буџетскиот календар е релативно и селективно излишно. Повеќето од програмите беа јасно дефинирани на почетокот на 2022 и денес кога ги разгледуваме за степенот на реализација и за кои е предложена годишна сметка, се гледа дека има големи промени кои сепак не беа јасно видливо во текот на преходните ребаланси и пренамени. Исто така се појавуваат нови активности ад хок кои не се ни програмирани ниту пак се усвоени но сепак се реализираат. Едноставно нема јасни и конзистентни правила и постои чувство на арбиртрарност.

Новите програми кои пред 3 месеци ги усвоивме заедно со буџетот за оваа фискална година се скоро целосно насекаде општи и можам само да претпоставам со значајна веројатност дека состојбите што претходно ги кажав само ќе се влошат.

Евидентна е праксата за мешање на програми една во друга или паралелно во две или пак половична споделена одговорност а некаде и целосна проформа одговорност на одделенија и сектори кои само на хартија се задолжени да предлагаат, спроведуваат, мониторираат и известуваат за активности кои некој друг ги работи и не постои никаква допирна точка. Понатаму тоа предизвикува хаос во самите финансии кои мора да бидат нотирани по носител согласно трошочен или профитен центар, па во самите синтетички и аналитички сметки се случува повторно хаос зошто известителите не се истите.

Чисто за пример кој се повторува секоја година. Известител треба да одговара на прашања поврзани со капитални инвестиции напишани во програмата што ја презентира, но ниту има свесност ниту пак знае нешто повеќе или барем за каква потреба и од кого или за кого се однесуваат тие посочени капиталните активности кои сумарно стојат со најопшти неколку зборови. Во таа ситуација известителот посочува на друго одделение или сектор при што се повторува сценариото кон трето оделение или сектор и така во круг се додека не пресече некој.

Затоа апелирам уште сега да се преземат мерки за корекција и од оваа година да се променат работите. Има и други примери но сите ја разбирате суштината. Исто така на пример зелениот лавирнт пред Домот на АРМ има цена од 1 милион денари. Како е тоа можно? Дали има 100 дрвца и секое дрво кошта 10.000 денари? Па ве молам, јас сум за екологија и садење дрвја ама не по такви цени…

Јас гласав за буџетот 2022, но сега завршната сметка нема да ја поддржам од очигледни причини за идентификувани слабости, а особено поради тоа што барам промени за подобро и граѓаните тоа истото го слушаат, гледаат и го бараат. Гласав исто за буџетот за 2023 година и очекувам да има промени на подобро како што и се најави на таа седница. Ако нема промени на подобро, тогаш догодина ќе мора да барам и вонредна ревизија на работењето на општината со посебен елаборат.

7. Предложив да усвои точката за буџетски календар со две измени, а тоа се:

А. да се вметне нов ред со кој ќе се дефинира период од август до октомври во кој граѓаните и сите чинители ќе можат писмено да достават предлози на соодветни јавни повици за проектирање на финансии за најдобрите предлози во различни категории. Со тоа ќе се олесни планирањето но и прецизноста за реализација на идниот буџет од тековната за во следната фискална година.

Б. Во месец ноември да се додаде дека нацрт програмите се доставуваат до советниците со цел благовремено и ефикасно да се разгледаат и да можат да поднесат повратно мислење пред да бидат програмите финализирани и доставени на гласање во декември заедно со предлог буџетот. Со тоа ќе се отстрани недостатокот од објаснување на цифрите во прелог буџетот уште во рана фаза и ќе има доволно време за евентуални корекции и координации во интерес на граѓаните.

8. Поддржав формирање на јавно претпријатие за транспорт што ќе треба да овозможи јавен транспорт на граѓаните и со тоа да се намали загаденоста во нашата општина. Реагирав и на расправиите во советот со апел заеднички едногласно да се усвои оваа точка.

За подетални информации и документи ќе обезбедиме линк со сите материјали и извештаи или пак можете да ни пишувате на страницата.