Мозочните удари се почести во студените периоди од годината
Голем дел од читателите знаат отприлика што претставува мозочниот удар , со какви симптоми започнува и какви се последиците. Статистички податок земен од светската здравствена организација (СЗО) е дека секоја година околу 15 милиони луѓе страдаат од мозочен удар. Од нив скоро 5 милиони завршуваат со смрт, а другите 5 милиони со траен инвалидитет. Мозочниот удар е невообичаена појава кај лицата под 40 години и многу ретка кај детската популација ( деца со српеста анемија ) . Претставува трета, а во некои земји во развој и втора по причинители на смрт и инвалидитет.
Мозочен удар ( cerebrovascular insult ) претставува прекинување на крвоснабдувањето наодреден дел од мозокот. Поради недостатокот на крв и кислород доаѓа до изумирање на клетките на мозокот кои се викаат неврони.Мозочен удар може да настане поради три причини: тромбоза, артериска емболија или крварење. Тромбоза претставува формирање тромб ( згрутчена крв од крвни елементи) на одреден дел од крвниот сад ( во случај мозочна артерија ). Артериска емболија претставува згрутчена – коагулирана маса на крвни елементи кои патуваат слободно низ циркулацијата. Двете состојби може да направат блокирање односно затварање – оклузија на артериите кои го снабдуваат со крв мозокот и ваквите удари се наречени исхемични. Крварењето најчесто настанува поради прскање- руптура на артерија и најчесто е при вродени аневризми ( проширен крвен сад со слабост на зидот) и таквиот удар се нарекува хеморагичен мозочен удар – крварење. Соодносот на ударите е 80 % исхемични и 20 % хеморагични.
Во зависност на тоа кои делови од мозокот се зафатени и во зависност дали е исхемичен или хеморагичен, различни ќе бидат и симптомите. Најчести знаци на мозочен удар се : збунетост или вознемиреност, нагла вртоглавица, спуштен лев или десен усен агол, двојно гледање, одземен вид на едно око, темен дел од видно поле, губиток на рамнотежа, одземен или отежнат и забавен говор, проблеми во разбирање на говорот, отежнато голтање, слабост или целосна одземеност на едната страна на раката или ногата или двете заедно, трпнење на рака и нога, отежнато пишување, неспретност , силна главоболка како прободување со нож која најчесто е пропратена со вкочанет врат, гадење и повраќање.
Постојат транзиторни исхемични напади (TIA) што претставува прекинување на крвоснабдувањето на одреден дел од мозокот и има знаци на мозочен удар , меѓутоа се повлекува за неколку минути без да остави трајни последици. Луѓето за ваквите мозочни удари велат дека се прележани на нога.Околу 30 % од транзиторните исхемични напади сепредвесници за мозочен удар во иднина.
Најпрвично се дијагностицира според невролошкиот преглед и клиничките невролошки знаци. Доколку е потребно се прави компјутерска томографија, а многу ретко магнетна резонанца. Мозочниот удар е итна состојба и затоа навремената и брзо аплицирана терапија во поголем дел дава подобри резултати.
Секоја повозрасна личност може да доживее мозочен удар , а претходно да нема никакви здравствени проблеми.Најдобар начин за да се превенира мозочниот удар е да се намалат ризик факторите кои во најголем дел зависат од нас. Начинот на живот може да допринесе за одредени медицински состојби кои го зголемуваат ризикот за појава на мозочни удари. Постојат такви кои може да се регулираат со терапија и интервенции.
Ризик фактори за мозочен удар се:
Висок крвен притисок – хипертензија на подолг временски период која е повисока од 140/90 mmHg го зголемува ризикот од мозочен удар за 4-6 пати. Во зимските периоди од годината,поради ниските температури се стеснуваат крвните садови и се покачува крвниот притисок. Кај постарите лица крвните садови се крути и ја имат намалено способноста за авторегулација односно да се шират и собираат, а со тоа да се регулира притисокот.
Високи вредности на масти – холестерол и триглицериди се ризик фактор за мозочен удар.
Дијабет – кај шеќерашите и кај нерегулираните пациенти со шеќерна болест ризикот е зголемен за 2-4 пати.
Атријална фибрилација – неправилно работење на срцето го зголемува ризикот за 6 пати.
Вродени срцеви мани – проблеми со срцевите залистоци или вроден срцев отвор.
Цигари – пушењето цигари го зголемува ризикот за 2-3 пати.
Алкохол – користењето на 2 алкохолни пијачки дневно го зголемува ризикот за 2 пати.
Дрога – кокаинот, амфетаминот, LSD, екстазите и хероин го зголемуваат ризикот за мозочен удар.
Некои ризик фактори не зависат од нас. Пример:
Пол – повеќе се засегнати мажите, меѓутоа смртноста е поголема кај жените.
Возраст – земено статистички над 55-60 години со секоја декада се зголемува ризикот за удар.
Расата е исто така поврзана со мозочните удари.
Фамилијарната историја – слични заболувања кај родителити. Местоположбата на живеење.
За да се намалат ризик факторите потребно е да го промениме лошиот начин на живот. Сите знаеме што е здрав начин. Меѓутоа луѓето во најголем дел сме креирани најчесто лесно да ги прифаќаме лошите навики и пороците. Поради брзиот начин на живеење и обврските, стресот е неизбежен. Треба да го минимизираме стресот со прифаќање или менување на нештата. Да ги редуцираме или целосно да се откажеме од алкохолот и цигарите. Да се намали внесот на шеќер.
Потребно е минимум 60 минути секојдневна физичка активност. Потребно е одмор и квалитетен сон. Таму каде што е неизбежно да се земат редовно и прописно лекарствата за да се регулира, притисок, шеќер, масти, аритмии и слично.
Можеби не е се во наши раце, меѓутоа можеме многу како индивидуи и како заедница. Здравјето е пред се лична, меѓутоа и колективна заслуга. На нас е да дадеме се од себе, а на природата ќе и треба малку време за да воспостави рамнотежа и да го подобри здравјето.
Оваа статија ја пишувам за не медицински лица и се надевам дека ќе продолжиме и понатаму во наредните периоди на други теми во укажување и едукација се со цел зачувување и унапредување на јавното здравје.
Специјалист невролог Д-р Миле Гогов, вработен во ЈЗУ Општа болница-Струмица