strumica denes logo

АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ ОД ВМРО-ДПМНЕ: ГОДИНА НА НАДЕЖ И СВЕТЛИНА!

Автор:

Датум:

јануари 4, 2023

Автор:

Датум:

јануари 4, 2023

Пред нас е новата 2023, година која барем според почетокот не изгледа добро. Година која започнува со силна економска криза и еродиран систем на владеење на правото, масовно раширена корупција и криминал, сеприсутен очај и разочарување. Нема сектор во општеството кој може да се пофали дека оди во добра насока. Ова е сликата дома. За жал ништо подобро не е и во Европа, каде по големата криза предизвикана од пандемијата на корона соочен е стариот континент со нова криза заради војната агресија која Русија ја прави над Украина. Агресија спротивна на сите закони, на меѓународното право и на основното човечко достоинство.

Покрај надворешните фактори лошата состојба во Македонија е надополнета и од крајно неспособната и неодговорна Влада на СДСМ и ДУИ како и од криминалот во кој тонат. Само погледнете ја стапката на инфлација од скоро 20 проценти и споредете ја со стапката на инфлација во евро зоната од 12 проценти и ќе ви стане јасно дека барем половина од кризата во економијата е од домашни фактори. А тие домашни фактори се бројни- од неспособност во менаџирање на ресорите во Влада преку слаба реализација на капитални проекти до широко распространета корупција од најниско до највисоко ниво. Затоа не се градат автопати и железница, затоа нема нови мостови и брани, нема нови болници и факултети. Едноставно економијата не се движи и затоа не треба да изненадува податокот официјално објавен од Државниот завод за статистика дека само за една година Македонија ја напуштиле 133 илјади лица, а само за три месеци оваа година Македонија ја напуштиле 10 илјади лица. Поразителни бројки кои се најдобра слика за состојбите.

Многумина се апатични и мислат дека состојбите се очајни и тие не можат да се поправат. Дека е допрено дното, но не дека од дното се оди нагоре туку напротив закотвени се сите долу. Затоа основна задача за 2023 е да се врати оптимизмот кај народот да се врати вербата и волјата. Надежта во подобро утре. Со добар и паметен пристап, со добра организација, повеќе ред и функционален систем на владеење на правото Македонија за многу брзо време може да се постави на вистински колосек, Македонија може и ќе биде добро организирана и функционална држава на среќни и насмеани лица. Колку и да е 2023 тешка за Европа и колку и да има неповолни надворешни влијанија пред се во економијата со добра поставеност внатре тоа може да се реши и мора да се реши!

Првиот чекор се брзи предвремени избори за народот да каже каде сака да оди Македонија. Влада предводена од ВМРО ДПМНЕ по тие избори може да почне да ја вади Македонија од оваа апатија која владее од ова економско уништување и криминал и корупција во кои е потоната. Со чесен пристап и искрен однос, како и со отворање на вратите за најспособните и најмотивираните резултатите ќе дојдат. За неколку месеци или година не може да се случат чуда, но може да почнат да се движат работите во правилна насока, а тоа да е силен сигнал за сите дека Македонија може и ќе биде успешна приказна, држава на економија која расте, држава со функционален систем на владеење на правото.

Надежта и вербата мора да се вратат! Светлината да се врати во срцата и домовите на секој човек.

Пред нас се најубавите денови во годината, пред нас се празниците во кои се собираме со семејството, празници во кои сонуваме за подобро утре и ги правиме плановите за времето пред нас. Нека бидат убави и благословени. Доаѓаат многу поубави денови. Надежта и светлината да бидат со сите вас.

Ќе се дружиме на страниците на Фокус и следната година. Поубава и посреќна 2023 година за сите вас и за цела Македонија!

Колумна на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за Фокус