Пред Домот на култура во Босилово е поставена скулптурата Атлас на ликовниот уметник Никола Пијанманов. Изработката на скулптурата е дел од активностите на ,,Босилово Културно Лето 2022″. Делото е изработено од железо, поточно од рециклиран материјал, железо од отпад. Скулптурата ,,Атлас” го прикажува митолошкиот титан кој е казнет да ја носи на своите раце планетата Земја. Авторот ја опишува како драматична претстава на титанска борба, каде на алегориски начин е прикажан човекот кој се бори со тежината на светот. Земјата се соочува со еколошки катастрофи, како и со заканите од катаклизми, воени и природни. Делото отвора прашања за опстојувањето на овој свет како и за храброста и пожртвуваноста да се преживее неговата тежина.
Изработката на скулптурата траеше два месеци, а делото е со димензии 400 см. во висина.