Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ, СОВЕТНИК ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА СТРУМИЦА:
Струмичка авангарда
При изборот за нов претседател на младите социјал демократи во Струмица, од говорница по не знам кој пат, беше нагласено дека СДСМ во Струмица е ‘’авангарда’’.
Што значи avant-garde? – личност или постапки кои се експериментални, радикални и невообичаени.
Во однос на политиката, авангардната политика има значајно место во Марксистичката теорија. Според неа, авангарда е оној дел на владеачката класа која има највисока свест за изградба на социјалистичко друштво кое ќе биде преодна фаза до целосно и безкласно комунистичко друштво. Елитата владее со граѓанството.
Таквите политики во модерното време во кое припаѓаме и живееме, се минато! Пропаднaa, не се дел од европските вредности.
Со таквите политики, од минатото, СДСМ во Струмица успеа од Општината да направи агенција за вработување, место кое служи за приредување на настани за забава и место од каде се создава елита која управува со граѓаните.
Младите социјал демократи на чело со нивниот градоначалник со таквите политики пропуштаат да ја видат реалноста во Општина Струмица. Реалноста во градот и во населените места е дека поради таквите политики имаме се поголема миграција на млади луѓе.
Децата родени во населените места немаат основни потреби за живот како чиста вода и соодветна канализација, улиците по кои се движат се небезбедни.
Куклиш и по толку мандати на авангардна политика сеуште нема соодветно сообраќајно решение на главната улица, нема тротоари за безбедно движење и соодветна канализациона мрежа. Децата во Куклиш, после секој дожд, за да влезат во училиштето минуваат низ ‘’езеро’’, затоа што делот пред училишниот двор е поплавен. Куклиш после секој дожд трпи штети по обработливите површини затоа што авангардната политика не ја гледа потребата за соодветни одводни канали и соодветна канализациона мрежа. Куклиш после толку години на авангардна политика нема Културен дом, кој се обеќа на секој изборен циклус.
Просениково е уште еден пример на авангардната политика на СДСМ. Целото село е ископано со несоодветна канализациона мрежа и целото е поплавено при секој помал дожд.
Поради таквите услови во населените места младите мигрираат, напуштајќи ја основната дејност по која е позната Струмица и Република Македонија, земјоделието!
Земјоделието не е во интерес на Градоначалникот. EXIT фестивалот е најбитен!
Во град Струмица авангардната политика допринесе најголемото јавно претпријатие Комуналец да биде пред банкрот. Првата слика на градот е ничистотија и контејнери кои се претрупани со ѓубре. Најбитно, контејнерите се наоѓаат во преден план на секоја улица, за да не ги промашиме!
По сите улици на Струмица во последните години се намножија огромен број на агресивни улични кучиња. Секоја година чекаме да се реши проблемот и постојано се нудат експериментални решенија кои не го подобруваат квалитетот на живот и безбедноста на граѓаните.
После секој дожд една третина од градот е под поплава и домаќинствата трпат штети. Авангардната политика направи неуспешен популистички проект за затрупување на дел од главниот одводен канал во градот. Другиот дел што не е покриен, цело лето остана неисчистен и несреден.
Чистењето на каналот Крушевска Република не е во интерес на авангарден градоначалник.
Цело лето се потроши во организација на панаѓури и журки а сме на прагот на најтешката зима на економски и енергетски план. Никој не се сети да направи заштеда на средства за да може во оваа тешка зима да им помогнеме на граѓаните. Или децата пак ќе бидат на настава од дома оваа година, за да може да се штеди за авангардни журки!
Никој не се сети дека поради економската криза на многу семејства им е терет обезбедување училишен материјал за своите ученици. Па, наместо парите за пропаднати проекти да ги пренасочиме во обезбедување на училишен материјал за децата. Ама образованието не е доволно авангардно!
Решавањето на главните проблеми на градот и квалитетот на живот на граѓаните не се во интерес на авангардниот градоначалник. Зошто?
Затоа што работа во интерес на граѓаните не создава елитизам, не создава владејачка структура.
Ни претстои една од најтешките зими во историјата, редно е да започнеме со мерки на штедење и да си помагаме помеѓу себе за да може најбезбедно да го поминеме наредниот период. Наместо да се рекламираме дека и пркосиме на кризата ( тоа е како да и пркосиме на гравитацијата! ), да започнеме со мерки кои ќе им помогнат на граѓаните и стопанствениците.
Најпосле, граѓаните ќе заборават се што е кажано и направено. Но, нема да заборават како некој направил да се чуствуваат. Битно е во идниот период, во услови на криза, да се чуствуваат безбедно, сигурно и заштитено.
Авангардната политика да ја претвориме во граѓанска политика.