Во Македонија се одржуваат седми локални избори од независноста на државата, а за првпат се користат апарати за отпечаток од прст.
Во првиот круг ќе бидат избрани сите Совети и оние кандидати за градоначалници кои добиле мнозинство гласови, доколку на изборите излегле една третина од избирачите.
За градоначалници на 80 општини плус Град Скопје се борат 299 кандидати, а поднесени се 572 советнички листи. За 1347 советници во локалните самоуправи се кандидирани 10.831 кандидати. Право на глас имаат 1.824.864 лица.
Вчера гласаа припадниците на Армијата, старите и изнемоштени лица и притворениците и затворениците. Вчера гласаа и лицата позитивни на ковид-19 и тие што се во самоизолација, на тој начин што нив ги посетуваа тимови составени од медицински лица.