Регистарските таблички пристигнуваат во континуитет и граѓаните врз основа на потребите може да си бараат и да ги подигнуваат. Имавме проблем од аспект на јавните набавки, такви се законските прописи, но тој проблем е надминат и стигнуваат на дневна основа регистарски таблици, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
ТВ Алфа пак објави дека фирма фантом од Западна Македонија оваа година го добила тендерот за изработка на регистарски таблички. Но бидејќи не ги испорачала, во земјава веќе три месеци нема таблици, па ниту новите автомобили ниту пререгистрираните не можат да набават таблички. После две децении „Раде Кончар“ отпадна од игра, а новата фирма не произвела заради тоа што во Македонија таа поседува само канцеларија. МВР, во обид да спречи скандалот, итно нарачува таблички од Германија. Зошто „Раде Кончар“ отпадна од игра? Која е фирмата фантом? Колку пари се во прашање? МВР за Алфа изјавиле дека договорот со “Раде Кончар” бил временски истечен и вредносно истрошен. Редовната постапка за набавка била обжалена и се чекало на решение.
Во однос за закажувањето термин за лични карти и зошто не се закажува термин за лична карта по итна постапка, Спасовски рече дека не е невозможно да се закаже термин за лична карта и за патна исправа. Апелираше до граѓаните да бидат трпеливи во овој дел и потсети дека е изменет и Законот за патни исправи, со цел да им се овозможи на луѓето од дијаспората на кои им истекува патната исправа до 30 јуни и им се продолжува важноста на тие патни исправи до крајот на годината до 31 декември, само за да не се создаде некаков проблем…
– Ако се јавите и ви го дадат првиот термин во јули, тоа е можно да се закаже, нема никаква друга пречка, ниту во набавка на обрасци, ниту во спроведување активноста, едноставно сега најверојатно затоа што движењето малку повеќе се ослободи, доаѓаат нашите пред се од дијаспората во државата. Доаѓа до промена на личните карти, на патните исправи и се создава поголема бројка луѓе кои сакаат да извадат лични документи. За ова прашање е разговарано во вторникот на колегиум и дадени се одредени насоки, а во Скопје работат во две смени и најверојатно ќе работат и за време на викенди со цел да се дојде до поголема активност во тој дел, изјави министерот Спасовски.