Градоначалникот Коста Јаневски им се заблагодари на граѓаните кои ги почитуваат мерките за социјално дистанцирање и упати апел до останатите да бидат дисциплинирани и одговорни.
Почитувани сограѓани,
Во часовите пред истекот на овој викенд, упатувам благодарност до граѓаните кои беа дисциплинирани, благодарност за нивното жртвување, за нивната верба и трпение во почитувањето на мерките во борбата со овој предизвик.
Во овие пролетни сончеви денови кога надвор е многу пријатно и привлечно, верувам дека е многу тешко да се почитуваат правилата за социјално дистанцирање, но победата со овој предизвик ќе ја донесат оние кои ги следат правилата и дисциплинирано се однесуваат кон препораките.
Тоа што Струмица е општина во којашто досега нема докажан инфициран пациент, не смее да не опушти во трпението и вербата во борбата со корона вирусот, напротив, треба да не направи уште подисциплинирани и сите заедно, да излеземе победници во оваа борба.
Општина Струмица ги следи и анализира сите искуства од другите држави во борбата со непријател којшто сеуште не го разбираме целосно и преземаме мерки кои можат само да помогнат во таа борба.
Држави кои веќе имаат повеќе искуства со корона вирусот, како единствена мерка која никој не ја спори, ја имаат мерката за почитување на социјалната дистанца.
Им благодарам на дисциплинираните граѓани, а посебен апел упатувам до сите останати, не ги потценувајте мерките:
Следете ги препораките за социјална дистанца.
Останете дома.
Спасете животи.
Упатувам јавна благодарност до здравствените работници, полицијата, вработените во комуналните претпријатија и пожарникарите за нивната пожртвуваност и несебичност во заштитата на нашето здравје.
Почитувани сограѓани,
Вашите напори вредат.