strumica denes logo

СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ВО ПЕТОК ДОБИВААТ ПОДДРШКА ОД „ЗДРАВА КОТЛИНА“, ТИЕ НАЈАВИЈА ЧЕТИРИ ПРОТЕСТА, НАЈГОЛЕМИОТ ВО МАРТ!

Автор:

Датум:

февруари 5, 2020

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

февруари 5, 2020

Категории:

Струмица

ЗДРАВА КОТЛИНА:

ПРОТЕСТИ ЗА ЗДРАВА ИДНИНА

Почитувани сограѓани,

Ве известуваме дека планираме да одржиме серија на помали протести на 7ми, 14ти, 21ви и 28ми февруари (петоци) и еден поголем протест на 1ви март (недела) како израз на граѓанското незадоволство со општото загадување во државата, бавното функционирање односно нефункционирање на системот но пред се незадоволството од нерешавањето на воздушното загадување во локални рамки.

Зимата полека поминува но проблемите остануваат и не сакаме да оставиме повторно алиби за во иднина да нема решение на наталожените проблеми. Исто така информирани сме за протестите организирани од средношколците и увидовме дека дел од нивните цели се и наши цели па затоа солидарно се координираме со нив. Светот останува на младите, но постарите треба да се запрашаат што ќе остават ако ги игнорираме проблемите и целите кои се заеднички.

Нашите цели се следните:

1. Бараме да се донесат закони со кои се регулира емисиите кои потекнуваат од индустријата, поточно ЕУ директивите IED и WI што Министерството за животна средина и просторно планирање ги чува во фиока од 2016 година.

2. Бараме од општините во струмичката котлина јавно да покажат документи колку, каде и кога има извршено инспекции на инсталации со интегрирана еколошка дозвола од Б-категорија и инсталации што се уште се под усогласување со оперативен план! А и сите сме свесни дека има инсталации што воопшто не се пријавени, што емитираат значајно загадување во воздухот, но се “невидливи” за институциите поради разни причини.

3. Бараме од општините во струмичката котлина да најдат начин да постават најмалку 6 нови автоматски мерни станици и да обезбедат 3 мобилни мерни станици за триангулација на загадувачи, што ќе бидат под локална ингеренција но со отворени податоци и дел од националната мрежа. Постојат ИПА фондови за поддршка на вакви проекти но општините мора активно да поработат за да ги добијат тие фондови.

4. Бараме заедничка јавна трибина со градоначалниците на општините Струмица, Босилово, Ново Село и Василево со тема загадување и активни мерки. На таа трибина нека ги донесат и презентираат записниците од досега извршените инспекции на инсталации со интегрирана еколошка дозвола од Б-категорија што се директно под нивна надлежност. Ние ќе ги презентираме нашите наоди и да видиме дали живееме во иста димензија.

5. Бараме советите на општините Струмица, Босилово, Ново Село и Василево да ги поканат еколошките огранизации да земат учество на седница на која со посебна точка би се овозможило дискусија на тема загадување и предлагање на активни мерки за запирање на загадувањето.

6. Бараме советите на општините Струмица, Босилово, Ново Село и Василево да ги задолжат соодветните локални инститиуции и организации, поврзани со регулација на загадувачки емисии и отпад, да изработат локален инвентар на загадувачи и класификација по типови на загадувачки емисии и отпад. Сакаме точно да знаеме кој колку загадува и со што загадува, во рамки на дозволеното согласно добиената интегрирана еколошка дозвола. Инвентарот би бил јавен и корисен за понатамошен мониторинг како од институциите така и од граѓанските огранизации.

7. Бараме советот на општина Струмица да ги покани средношколците да земат учество на седница на која со посебна точка би се овозможило тие самите да ги образложат нивните барања поврзани со проблемите во едукацијата што моментално ги имаат, а кои лесно можат да се решат со заедничко разбирање и делување.

Во оваа насока ќе испратиме допис до општините Струмица, Босилово, Ново Село и Василево да ги информираме со нашите барања, но и да се заложиме и осигураме дека директорите и професорите нема да ги спречуваат средношколците да протестираат за благородни цели и исполнување на уставно загарантираните права.

Првиот протест ќе биде на 7ми февруари 2020 (петок) од 13:00 часот до 15:00 часот, на плоштадот Гоце Делчев во Струмица. Сите следни протести ќе бидат посебно најавени.

Напоменуваме дека овие протести се надпартиски и секој што му е дојдено до здрава иднина може да ги поддржи со присуство. Од друга страна предупредуваме дека секој обид да се политизират протестите, па макар и со суптилни методи, ќе биде препознаен и ќе предизвика жестока реакција кон оној што ќе се обиде. Во предизборен период ова најмалку им треба на било која политичка партија и затоа сфатете го ова сериозно. Екологијата не трпи политика и затоа сме онаму каде што сме на ранг листистите по загадување.

Почитувани сограѓани, излезете и поддржете ги протестите за здрава иднина, заедно сме посилни и помотивирани да се избориме за сите нас!

П.С: Во моментот на пишување на овој повик добивме информација дека парламентот го донел законот за забрана за увоз на отпад за горење! Соодветно на оваа среќна информација го тргнавме ова барање од листата на барања. Ова е и своевидна потврда дека само со организирана акција на граѓаните можат да се направат чекори во вистински правец. Затоа излезете и бидете гласни, бидете силни за вас и вашите фамилии!

Излезете за здрава иднина!