Седумнаесет дена нема никаков глас за Марија Брзакова (28), која исчезна од својот дом во Босилово, Струмица, на 18-ти јануари.
Случајот со младата жена, мајка на три – годишно девојче, за која на социјалните мрежи се појави апел во кој е наведено дека е во вториот месец во бременоста, а по која се трага, го предизвика вниманието на јавноста. Многу прашања, кои се од голема важност во случај некој да ја забележи и помогне во нејзиното враќање кај семејството, останаа неодговорени. – пишува ФОКУС
Од СВР Струмица – молк. Соопштение од две реченици со кое се информира дека жената се оддалечила од семејниот дом во раните утрински часови, а сопругот по три дена го пријавил исчезнувањето во полиција.
Како била облечена, како изгледала, дали имала здравствени проблеми, зошто се чекало три дена за да се пријави во полиција, дали незабележано излегла од дома или кажала дека некаде ќе оди, ниту еден од овие детали не беше споделен со јавноста. Набргу по соопштението од МВР, на социјалните мрежи се појави фотографија од Марија, со апел до јавноста ако некој ја забележи да се јави на мобилен број објавен под фотографијата. – стои во објавата на ФОКУС
Со цел да дознаеме повеќе информации кои би биле од корист за јавноста, ,,Фокус” веднаш, на 21-ви јануари се јави на објавениот број. Од другата страна на слушалката ни одговори жена, која што се претстави како Валентина, мајка на Марија. Воздржана, таа само ни откри дека Марија е сопруга и мајка, како сите се изненадени од изчезнувањето, даде штури информации околу тоа како е жената облечена (темни тренерки, влечки или патики, без документи кај себе). Кога ја замоливме за повеќе фотографии, на големо изненадување, ни рече дека нема.
Практика од слични случаеви со исчезнување на лице е семејството да ги алармира медиумите, да ги даде сите потребни детали, да сподели повеќе фотографии, а неретко и да излезе во јавност, пред камери, со намера да се прошири апелот и да се помогне во истрагата. Во случајот со Марија, од страна на семејството, како и од страна на МВР – молк.
,,Фокус” во повеќе наврти по првичниот разговор со мајката, се обидуваше повторно да стапи во контакт со неа. Таа не одговара повеќе на повиците. Екипа на ,,Слободен печат” пред неколку дена исто така се обидела да разговара со сопругот на Брзакова во Босилово, но и со нејзините родители, но безуспешно. Тие не сакале да даваат изјави за медиумите.
Она што е познато за Марија е дека со сопругот Б.Б. (29) живееле во Швајцарија. Во Босилово се вратиле во септември 2019 година. Родителите и на двајцата млади живееле во Швајцарија, но сега поради случајот се вратиле во Македонија.
Ако на социјалните мрежи го пребарате името Марија Брзакова, профил под тоа име – нема. Дали Марија е една од ретките која не користела социјални мрежи, користела друго име или пак нејзиниот профил е избришан откако исчезнала, нема информации. Само една профилна фотографија од жената објавена со апелот за помош може да се најде на интернетот, што е доста невообичаено за млада личност, во ова време на напредни технологии и популарност на социјалните мрежи.
Се наметнува прашањето – Која е Марија? Со што се занимавала, дали е образувана личност, имала ли психички или други здравствени проблеми, имала ли финансиски проблеми, што да очекува и како да реагира некој доколку ја забележи и сака да помогне?
Јавноста реагира, бидејќи во случај кога се апелира некој ако ја забележал да ја извести полицијата, кога се бара помош од народот, логично е да се споделат повеќе фотографии, но и информации за жената по која се трага. – пренесува ФОКУС
Се уште се свежи сеќавањата за младиот Пино Секондо, кој исчезна во Скопје во декември 2018 година, за апелите на неговата мајка, за нејзиното излегување во медиумите, во ТВ емисии, за десетиците фотографии од него кои семејството ги сподели со јавноста, со цел неговиот лик да се врежи во сеќавањето на луѓето. Иако секое семејство е индивидуално, сепак иста практика имаше и во низа на други случаеви, кога блиски на исчезнатите самоиницијативно се јавуваа во медиумите и бараа помош, споделувајќи ги сите детали за кои сметале дека се од важност за пронаоѓање на лицето.
Молкот за Марија од страна на СВР Струмица уште повеќе ги подгрева чаршиските муабети околу тоа што евентуално се случило со жената. За сите информации поврзани со случајот од полицијата известуваат медиумите да бараат детали од ОЈО Струмица, од каде пак во повеќе наврати наидовме на молк, односно недостапност на јавната обвинителка која ни беше посочена како надлежна за случајот.
Неуспешна беше и потрагата на жители на Босилово и ловџии од тој крај, кога пред десеттина дена ги пребараа речните корита и каналите во околината.
Последна вест добиена за Марија од Хризантема Рендевска од СВР Струмица е денешната телефонска изјава за ,,Фокус” дека жената не е пронајдена, а истрагата е во тек.
ИЗВОР: ФОКУС