„Да се врати законот против пушење во затворен простор во функција, доста е труење од туѓите лоши навики! Се работи за вашето и нашето здравје! Се работи за здравјето на нашите деца!“, се нагласува во петицијата, која може да се потпише на следниов линк.
Со Законот за заштита од пушењето се уредува заштитата од штетните дејствија на пушењето на тутун и други производи од тутун врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите.
Во Законот се пропишува дека инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи. Со законските измени од минатата година се пропиша дека пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично).
Граѓаните што ја иницираат петицијата и оние што ја потпишуваат се жалат на неприменувањето на Законот и на институционалната толерантност кон пушењето цигари на места на кои според Законот е забрането.