Коста Јаневски, Градоначалник на општина Струмица:
Драги наши првоодделенки и првоодделенци,
Еве, конечно дојде и овој ден кој ќе го паметите цел живот. Тоа е денот кога за првпат го пречекорувате училишниот праг, за првпат седнувате во училишните клупи, за првпат го слушате звукот на училишното ѕвонче како и топлиот и охрабрувачки глас на вашите наставнички. Но, овој ден ќе го паметите и по тоа што ќе ги запознете вашите нови другарчиња со кои заедно ќе поминете безброј убави мигови во наредните пет години, колку што ќе трае вашето школување во нижите одделенија од основното образование. Се разбира, тоа другарство може да трае и многу повеќе, па дури и цел живот.
Зошто е важно образованието и другарувањето да одат рака под рака? Затоа што покрај збогатувањето со знаења од сите предмети кои ќе ги изучувате, ќе научите и како меѓусебно да се почитувате и да си помагате едни со други. Овие вредности се многу важни, па доколку се потрудите да станат дел од вас, тие ќе ве направат добри, честити и доблесни луѓе и ќе ве красат цел живот. Затоа секој ваш ден поминат во училиште ќе биде од непроценливо значење. Од тоа што ќе го научите во училишните клупи, но и надвор од нив, зависи вашата иднина.
Бидете секогаш послушни, добри и вредни ученици. Внимателно следете ги вашите наставнички во нивното несебично дарување на знаењата. Бидете активни и отворени на секој час и секогаш извршувајте ги вашите училишни и домашни задачи. Само така ќе напредувате во вашето образование и ќе си ги отворате убавите патиштата на животот. Како што растете, така нека растат и вашите амбиции, еден ден да станете успешни и почитувани луѓе. Учењето воопшто не е тешко, само треба да сакате и да верувате дека ќе стасате до вашата посакувана цел.
Ви го честитам тргнувањето во училиште и да ви посакам успех во учењето, но и безгрижно и среќно детство.