strumica denes logo

ТАЈНАТА ЗА ПОТЕКЛОТО НА ИМЕТО НА СЕЛО АНГЕЛЦИ

Автор:

Датум:

август 15, 2019

Категории:

Култура

Автор:

Датум:

август 15, 2019

Категории:

Култура

На само 7 километри од Струмица, во составот на општина Василево се наоѓа селото Ангелци. Селото е мирно и спокојно место за живеење, зафатено со бранот на иселување во последните години. Поголема бројка на посетители има за време на селската слава, по повод празникот Свети Спас.

Од каде потекнува името на ова прекрасно село?

Според преданијата името на ова село потекнува од убавата мома Ангелина која била грабната од турски војководец. Кога Османлиите го освоиле регионот, селото имало само 18 куќи. Поминувајќи покрај селото, османлискиот водач Забит забележал една многу убава девојка. Селската убавица се викала Ангелина, а офицерот ја викал Ангелца. Забит рекол на селаните дека ќе се врати по неа, иако таа била свршена. Кога аскерот заминал од селото, селаните ја сокриле девојката Ангелина. Со нејзината убавина целото село се гордеело и не сакале да ја дадат за синот на Забит. Кога офицерот Забит повторно се вратил во селото, овојпат со намера да ја грабне Ангелина, селаните се обиделе да го излажат, кажувајќи му дека таа побегнала. Кога офицерот видел дека селаните немат намера да ја дадат убавицата, наредил на војниците да го претресат селото. Војниците внимателно ја претресле секоја куќа. Најпосле ја нашле девојката. Иако родителите се спротиставувале, Забит ја качил девојката пред себе на коњот и заминал од селото. Грабнатата девојка ја подарил на син му во Истанбул како спомен од неговиот освојувачки поход во тој дел на Македонија. Селаните долго време се сеќавале на тој немил настан и тагувале за убавицата Ангелина, односно Ангелца како што ја викал офицерот. Според народната легенда, во знак на сеќавање на селската убавица, селото било наречено Ангелци.