Лазар Бараков е една од првите асоцијации кои ни паѓаат на ум кога ќе се спомнат македонските народни приказни. Тоа е човекот кој благодарение на своите натпросечните актерски способности остави траен белег во најголемиот актерски проект во земјава, човекот кој до крај останува доследен на своите принципи и идеали, човек со напредна визија кој активно продолжува да твори дури и во седмата деценија од животот.
Родум од струмичото село Мокрино, нашиот сограѓанин е олицетворение на фактот дека струмичкиот регион е расадник на луѓе кои активно го придвижуваат општеството.
Струмица Денес има за чест накратко да поразговара со господин Бараков и да му постави неколку прашања во името на нашите читатели.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Потекнувате од струмичкиот крај, поточно од село Мокрино. Вие и ден-денес знаете да се навратите на селската идила и да уживате надвор од градскиот метеж .Кои се најубавите спомени од вашето детство? На колку години се преселивте од Мокрино?
ЛАЗАР БАРАКОВ: Да. Потекнувам од Мокрино и до денешен сум мокрински жител. Патував и работев по белиот свет, останував за подолг период, школување, печалбарство, ама останав пак мокрински жител… иако имам собствен дом во Скопје од подолг период, со мислите и жителството сум во Мокрино… Најубавите спомени ми се од раниот детски период од Мокрино, кое по корените датира уште од Александрово време,. Тесни улички, збиени градби, моето маало во центарот живееја многудетни фамилии, од утро до мрак беше полно со детски џагор , смеење , плачење.. целоноќно кучешко лаење, ранобудно петлово пеење… Сите мили, воспитани и од мајки родени деца од мене за секоја навечер беа задолжени да кажат по една нова приказна чуена од нивните дедовци и баби… И така јас ги запишував и меѓувремено се јави конкурс од нашиот детски весник “Наш свет” за собирање народни умотворби.. Јас ги пратив веќе соберените и добив прва награда за собирање народни умотворби …педесет книги од разни светски автори… незнам дали тогаш имаше пиголема радост од тоа..
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кога сфативте дека актерството е вашиот животен повик? Имавте ли поддршка од блиските кога одлучивте да тргнете по тој пат?
ЛАЗАР БАРАКОВ: Актерството ми е било уште од осознавање на животот. Немав друг избор иако како селско дете можев се да работам. Отидов во Софија и моите ги лажев дека студирам Медицина. Се додека не се појавив во еден бугарски филм, и тогаш открив дека сум на Академија за театар, филм.. Татко ми беше многу среќен., ми пожелуваше да го играм Сандански., негова омилена историска личност.. Не им кажував пред тоа дека сум на глума , не знАев дали ќе успеам.. на медицина бев само три дена…
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Образованието го продолживте на Академијата за драмски уметности. Каков студент беше Лазар Бараков?
ЛАЗАР БАРАКОВ: На Академијата како студент бев фален од повеќе професори и ми даваа надежи… ама и од поединци доста куден , што за конец не напуштив, трнлив беше мојот пат до успехот!
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Она по што вечно ќе останете запомнет се улогите во македонските народни приказни. Повеќе од дваесет години бевте дел од актерската екипа, така што заваривте и дел од таканаречената златна генерација – Колозови, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски. Каква беше соработката, во каква атмосфера работеше екипата? Дали работата течеше исто и кога во снимањата се приклучија помлади актери? Гледаа ли во вас столб на кој можат да се потпрат и личност од која може да побараат совет во секое време?
ЛАЗАР БАРАКОВ: Од златната генерација од приказните јас бев најмладиот член..Работевме сите заедно на иста бранова должина. И нивниот пат беше трнлив. Соработка тимски одлична , како Господ да правел кастинг, да остане траен печат за Македонија. Денешните млади не сакаат многу да се мачат пред камера, полесно им е со некакви клишеа лесно да минат, тоа обичниот гледач најдобро го регистрира…
СТРУМИЦА ДЕНЕС:На некој начин, приказните станаа дел од вашиот живот и секојдневие. Колку често снимавте и кои локации ги избиравте за снимање?
ЛАЗАР БАРАКОВ: Строго професонални сценографи ги бираа локации за да изгледа по автентична приказната и секогаш успеваа во тоа!
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Постојано го одржувате младиот дух на кој многумина можат да позавидат. Континуирано активни и зафатени. На што работи Лазар Бараков во моментов?
ЛАЗАР БАРАКОВ: Сум обврзан со повеќе работи! Работата, читањето го одржува духот и здравјето на човекот. Исхраната ми е ако не 100% , деведесет посто ми е вегетатаријанска и се осеќам многу добро. Во моментот подолг временски период работам на филм, кога ќе биде завршен ќе разговараме повеќе околу тоа.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Има ли театарски претстави или филмови кои Ви оставиле силен впечаток?
ЛАЗАР БАРАКОВ: Филм што ми оставил впечаток незаборавен е “ Гоја “ на Милош Форман и претстава “ Језус Крист супер стар” на Бродвеј.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кажете ни нешто повеќе за семејството. Дали некое од вашите три деца го наследи вашиот талент или избраа друга професионална гранка?
ЛАЗАР БАРАКОВ: Децата ми поседуваат талент за глума , ама ги посоветував да одберат други уметнички професии, така да Македонка е психолог, Вики и Александар се архитекти…
СТРУМИЦА ДЕНЕС: За крај, ќе го спделите ли вашето мото и тајна за успех со нашите читатели?
ЛАЗАР БАРАКОВ: За крај моето мото и тајна за успехот е работа и само работа, не гледај во туѓиот џеб, не бери грижи за туѓи проблеми, сакај ги животните, ние сме нивни богови, тие наши спасители…