Авторката Наташа Стоилкова доби благодарници и признание од Македонска радио програма на австралиското радио 2XX 98,3 FM од Канбера, Австралија и од Македонското литературно друштво и библиотека „Ванчо Николески“ – Квинбијан, Австралија за промовирање , афирмирање и развивање на македонскиот јазик и литература во светот преку пишаниот збор. Честитки за Наташа! Инаку, Наташа Стоилкова е дипломиран професор по македонски јазик и литература. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува поезија и проза. Автор е на книгите: „Емоционална катарза“ и „Разновидни мисли“ , двете издадени од издавачката куќа „Култура“ АД – Скопје. Работи како професор по македонски јазик и литература во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Иловица, општина Босилово – Струмица и во меѓувреме подготвува уште неколку ракописи за печатење.
Во текот на нејзиниот десетгодишен работен стаж како ментор на ученици добитник е на бројни награди, пофалници и признанија. Во 2011 година учествуваше како ментор на општинско-регионалниот литературен конкурс на тема: „Борете се за детските права“ , организиран од општинската установа Дом за деца и млади „Благој Мучето“ – Струмица и има освоено посебна награда во проза. Извадок од овој текст награден со посебна награда во проза беше објавен во списанието „Наш свет“ број 8, во ноември 2011 година. Има добиено Сертификат за учество на обуката „Унапредување на медиумската писменост во образованието во Македонија“ и меѓународен Сертификат за обуката „Меѓусебно разбирање во образовниот процес“. Во ноември, 2018 година , во рамките на манифестацијата „Средби под јаворите – Видое Подгорец“ се стекна со Сертификат од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „ГоцеДелчев“ – Штип за учество во советување на тема: „Употребната вредност на литературата за деца во списанијата: Росица, Другарче, Развигор и Наш свет во воспитно – образовниот процес“.
Во април, 2019 година, по повод одбележувањето на светскиот ден за безбедност и здравје при работа, учествуваше во проектот одобрен од Министерството за образование и наука на тема: „Безбедност и здравје при работа“ како член од комисијата која ги оценуваше литературните творби. Во јуни, 2019 година, се стекна со Сертификат од Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“ при УКИМ – Скопје за учество во советување на тема: „Библиотеката – темел на писменоста“. Нам ни преостанува да и’ посакаме уште многу успеси на Наташа во иднина, да напише уште многу книги и секогаш да биде гордост македонска.