Сместено во источниот дел од струмичката котлина, селото Секирник срамежливо го пропушта патот Струмица – Ново Село, додека од десната страна го заобиколува реката Струмица. Селото е дел од општина Босилово и граничи со 7 села – Турново, Бориево, Штука, Колешино, Борисово, Зубово, Сушица.
Во продолжение, помалку познати факти за с. Секирник:
- Името на селото датира уште од средниот век
Според преданието, во средниот век, во селото се изработувале секири, па оттука и името Секирник. Село Секирник има старо потекло, се споменува уште во средниот век.
- Во турско време, селото Секирник било етнички чисто село населено само од Турци
Во турско време, според народното предание, ова село било населено со муслиманско население. Се претпоставува дека турските колонисти доведени од пределите на Мала Азија, го истиснале христијанското население, и на нивно место се населиле Турци.Според статистиката на Васил К’нчов, во 1900 година селото имало 730 жители Турци. Како чисто турско село населбата е обележана на Етнографската карта од 1912 година, со името Секирник.
По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Царство Бугарија. Голем дел од муслиманското население тогаш ги напуштило своите домови и во 1916 година (за само четири години), во селото живееле одвај 15 Турци.
- Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ има карактеристична градба
Црквата била изградена во 1932 година а осветена во 1968 година. Карактеристично за храмот е тоа што нејзината камбанарија се наоѓа во склоп со самиот објкет на црквата, а не надвор од него како што е случај кај поголемиот дел од православните цркви во Македонија.
- Селото брои околу 1.200 жители
Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.194 жители, од кои сите се изјасниле како Македонци.
- Се воделе долги расправи околу изградбата на црквата „Св. Никола Чудотворец“
Црквата започнала да се гради во 2006 година. Пред тоа цели седум години траел отпорот на локалното население за обновување на овој храм со образложение дека во селото нема католици. Во 1999 година обидот за ставање камен-темелник завршил со брутален напад врз припадниците на Католичката црква. По многу состаноци и преговори, во кои биле вклучени и претставници од МПЦ и државниот врв, и по барање на верниците од католичка вероисповед, црквата во Секирник започнала со својата изградба.
Црквата била осветена во 2007 година од страна на апостолскиот нунциј од Ватикан, монсињор Сантос Абрил.