Сместено во струмичкото поле, на само 8 километри од Струмица, се наоѓа селото Муртино. Ова работливо село граничи со 8 други села – Свидовица, Банско, Сачево, Моноспитово, Робово, Еднокуќево, Бајрамбос, Кочули и низ годините го задржува епитетот на село кое никогаш не замира.
Во продолжение, помалку познати факти за селото Муртино:
- Првите податоци за селото датираат од турско време
Првобитната местоположба на селото била на ридот кој се наоѓа на Беласица, јужно од сегашната положба на селото. Сегашната местоположба е некогашен чифлик на турскиот бег.
- Името на селото доаѓа од името на бегот Мурат
Се верува дека името на селото потекнува од бегот Мурат, кому и му припаѓал чифликот. Според остатоците од записите, бегот бил познат по својата дарежливост и заштитнички настроениот дух кон своите соселани.
- Првиот познат населеник на селото е дедо Јове, а неговите денешни наследници се семејството Јовеви
Првиот познат населеник е така наречениот дедо Јове, кој се преселил од мариовските села и дошол во Муртино, бидејќи убил некој познат Турчин и за да не биде убиен се преселил со своето семејство. Тој имал неколку синови од кој најпознатиот се викал Атанас, тој бил кмет на селото и многу богат човек, го помагал Илинденското востание и го криумчарел Гоце Делчев, преку Беласица да оди во Солун. Давал пари и за да се купи оружје и муниција. Сѐ уште има остатоци од ова семејство на Дедо Јове, сега познати како Јовевци, сите живеат во маалото наречено Чифлик.
- Село Муртино некогаш беше општина
Почнувајќи од 1996 година, селото станува општина. Во состав на општината влегуваат и селата Моноспитово, Бансκо и Сачево. Општина Муртино постои само 8 години, зошто со новиот закон за територијална поделба, Моноспитово се припојува во Општина Босилово, а Муртино со Бансκо и Сачево се припојуваат во Општина Струмица.
- Селото има околу 2.200 жители
Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 2.209 жители. Се разбира, со засилената миграција, овој број е драстично намален.