strumica denes logo

Со изградбата на новата детска градинка ќе се надмине проблемот со прекубројност на децата во клоновите на градинката „Детска радост“

Автор:

Датум:

јули 4, 2019

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

јули 4, 2019

Категории:

Струмица

Во блок 36 во кругот на поранешната касарна ќе се гради нова детска градинка. Со тоа општина Струмица обезбедува современи услови за згрижување на децата од предучилишна возраст. Тимот на општина Струмица кој што работеше на овој проект за чија реализација е обезбеден грант од Министерството за труд и социјална политика, денеска, одржа прес конференција на која што информираше за активностите кои што ги спроведува Општината во делот на детската заштита.

Никола Годев, раководител на Секторот за локален економски развој и заштита на животната средина, рече дека планската документација за изградба на новата детска градинка започна да се работи уште во минатата година, имајќи во предвид дека според генералниот урбанистички план предвидено е ширење поранешната касарна, со што Општината подготвена го дочека повикот на Министерството за труд и социјална политика и го доби грантот.

-Се работи за проект за подобрување на социјалните услови во капацитетите за предучилишно воспитување и згрижување преку изградба на нови градинки или доградба и преадаптација на постоечките објекти. Во овој контекст сакам да потсетам дека оваа година беше реализиран уште еден проект од областа на детската заштита, беа адаптирани простории во населените места Куклиш и Муртино со средства од ИПА фондовите во висина од 120 илјади евра и наше учество од 1.300.000 денари. Со ова ја потврдуваме нашата грижа како за градската средина, така и за населените места. Во тек е тендерска документација по добиен грант од УНДП за реконструкција на клон 4 имајќи во предвид дека бројот на децата е доста зголемен. Се радуваме да има повеќе деца, а истовремено наша должност е да обезбедиме и да ги модернизираме сместувачките капацитети. Со уште два други проекти, дојдовме при крај со реализацијата на тоа што е ветено во програмата на Градоначалникот од социјалната област, рече Годев.

Софија Ристо Патрикова, раководител на Секторот за урбанизам и комунални работи во општина Струмица, информираше дека новата градинка е со капацитет за 250 деца и ќе биде изградена по најсовремени стандарди.

-Градежната парцела има површина од 7.400 метри квадратни, со максимална површина за градење од 1.800 метри квадратни. Објектот на градинката, кој што е проектиран, е со габарит од 1.400 метри квадратни кој што дозволува поголема слободна неизградена површина на градежната парцела. Висината на објектот нема да го наруши погледот во однос на дугите објекти. Станува збор за објект со катност од приземје и еден кат, а пристапот е обезбеден, како и лифт за лицата со посебни потреби, рече Ристова Патрикова.

Со изградбата на новата детска градинка ќе се надмине проблемот со прекубројност на децата во клоновите на градинката „Детска радост“, чиј капацитет е 550, а престојуваат двојно повеќе деца од различни возрасти.

-Оттука произлезе идеата да аплицираме за изградба на нова градинка. Покрај тоа, имаме аплицирано за доградба на градинка во Клон 2, каде треба да се доградат четири простории. Планираме да ги прошириме сместувачките капацитети и во поранешното училиште „Јахја Кемал“ со адаптирање и пренаменување за деца од 6 до 10 годишна возраст за целодневен престој, информираше Дивна Молчанова, советник за заштита на деца во општина Струмица.
Новата детска градинка ќе започне да се гради наесен.