Под мотото „Љубовта, почитта и разбирањето се нашите вредности“, денеска, во големата сала на Домот на АРМ се одржа завршен настан на заедничките активности во проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“. Активностите беа реализирани во рамките на секциите: млади креативци, драмска и спортска секција, а во кои беа вклучени ученици од основните училишта „Маршал Тито“ и „Никола Вапцаров“ од Струмица и „Маршал Тито“ од Муртино.
Учесниците и гостите ги поздрави членот на Советот на општина Струмица“, Ацо Ѓоргиев.
-Општина Струмица целосно ги препознава важноста и улогата на образованието во развојните процеси на Општината и е свесна за комплексноста на самата надлежност, која опфаќа многу фактори и дејности за различни целни групи граѓани. Од буџетот на општина Струмица, секоја тековна година обезбедуваме по 15.000 денари за секое основно и средно општинско училишта, за реализација на заеднички наставни и воннаставни ученички активности за меѓуетничка интеграција во образованието кои се реализираат самостојно во училиште или во партнерство со друго училиште (секции, проекти, спортски активности, презентации, приредби, посети на културно-историски споменици, заеднички наставни часови и взаемни посети на партнерски училишта за реализација на наставни и воннаставни активности). Оваа година по трет пат со учество од 300.000 денари, ќе го финансираме превозот на ученици кои ќе патуваат во Детското село Песталоци во Швајцарија, на интеркултурна размена со ученици од други држави. Овој денешен настан, кој ги собра учениците и наставниците од секциите на трите училишта, покажува и докажува дека општина Струмица ќе продолжи да ја гради и јакне мултиетничката соработка во локалната заедница, со целосна финансиска, логистичка и административно-техничка поддршка, рече Ѓоргиев.
Проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“ е финансиран од Детската Фондација Песталоци, кој го реализира од Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје со финансиска поддршка на Детската фондација Песталоци, а во соработка со Бирото за развој на образованието и општина Струмица.