strumica denes logo

Денес е спомен на Светиот Архангел Гавриил:Празник на најголемиот гласник на Бога!

Автор:

Датум:

април 8, 2019

Категории:

Култура

Автор:

Датум:

април 8, 2019

Категории:

Култура

Зборувајќи за Благовештението, светите отци толкуваат дека е испратен архангел со такво име што ќе означи кој и каков ќе биде Оној што ќе се роди од Пречистата Дева. Ќе биде значи Маж – Бог, крепок, силен Бог

Собор на Архангел Гавриил
Тој е благовесникот на воплотувањето на Синот Божји. Еден од големите седум ангели што претстојат пред престолот Божји. Му го јави на Захарија раѓањето на светиот Јован Претеча и самиот за себе рече: „Јас сум Гавриил кој стојам пред Бога“ (Лука 1, 19). Неговото име, Гавриил, значи маж – Бог. Зборувајќи за Благовештението, светите отци толкуваат дека е испратен архангел со такво име што ќе означи кој и каков ќе биде Оној што ќе се роди од Пречистата Дева. Ќе биде значи Маж – Бог, крепок, силен Бог.

Некои дознаа дека истиот тој Гавриил им го јави на Јоаким и Ана раѓањето на Дева Марија и дека тој го поучуваше Мојсеј во пустината како да ја напише книгата Битие. Светите отци мислат дека Гавриил му принадлежи на првиот и највисок чин на небесните сили, на серафимскиот, зашто серафимите стојат најблиску до Бога. Тој е, значи, еден од седумте серафими најблиски до Бога. Имињата на тие седуммина се: Михаил, Гавриил, Рафаил, Уриил, Селатиил, Јегудил, Варахиил. На овој број некои им го додаваат и Јеремиил. Секој од нив има особена служба, а сите тие се рамночесни. Зошто Бог не го испрати Михаил? Затоа што неговата служба е да ги крши непријателите на Божјата вера. А службата на Гавриил е благовестење за човечкото спасение.

Светиот свештеномаченик Иринеј, епископ Сремски
Се мисли дека по потекло бил Словен и дека пред епископството бил женет и имал деца. Пострада за Христа во времето на Максимијан. При тешките мачења неговите роднини стоеја околу него и, плачејќи, го молеа да се поштеди себеси и нив, т.е. да се одрече од Христа. Но, овој прекрасен свештеномаченик повеќе ги сакаше раните за Христа отколку сите богатства на овој свет. Во истото време, од истиот гонител по име Проб, во Срем пострада и еден градинар по име Серен, а во Регија маченикот Афр. Бидејќи Иринеј никако не сакаше да се откаже од верата, кнезот Проб нареди и го фрлија од еден мост на реката Сава и овој пастир го заврши својот овоземен живот во таа река. Пострада чесно во 304 година.

Маченички Лариса, Ала и други со нив
Мачениците Ватусиј и Верк, презвитери, Арпила монах, и со нив: Авив, Агно, Реас, Игафракс, Иска, Сила, Сигиц, Сонирил, Суимвл, Терм, Фил, Констанс, принцот Агатон и маченичките Ана, Ала, Лариса, Моико, Мамика, Вирко, Анимаиса, Гаафа, царица Готска и Дуклида, принцеза Готска, пострадаа околку 375 година, во времето на кралот Унгерих, којшто ги гонеше христијаните. Кралот нареди да се запали храмот во време на богослужба. Во пожарот загинаа 308 луѓе, од коишто се познати имињата на 21 маченици. Вдовицата на готскиот крал, Ала, со својата ќерка Дуклида, ги собраа остатоците од светите маченици и ги одвезе во Сирија. Потоа таа се врати во татковината, каде што после некое време беше убиена со камења и маченички заврши заедно со својот син Агатон. Моштите на светите маченици останаа кај Дуклида, која во времето на царувањето на Валентијан II (364-375) и Теодосиј Велики (393-395) дојде во Кизик и предаде дел од моштите при осветувањето на храмот. Крајот на животот на праведната Дуклида беше мирен.

Преподобен Малх
Малх беше земјоделец од околината на Антиохија и од младоста со сиот дух беше устремен кон Бога. Арапите го заробија и во ропството го натераа да земе за жена една Црнкиња. А тој и неа ја приведе кон Христовата вера и поживеа со неа како брат со сестра. Се договорија и побегнаа од ропството. Арапите за малку ќе ги стигнеа. Бегалците се засолнија во една пештера во која сретнаа една лавица со малечки лавчиња, па се исплашија. Но, лавицата не ги повреди, туку уби еден Арапин кој сакаше да влезе во пештерата за да ги фати. Кога стигна во својот крај, Малх ја даде жена си во еден женски манастир, а самиот отиде во машки. Поживеа многу години во подвиг и се пресели меѓу небесните граѓани во 4 век.

Преподобен Василиј Нови
Прво живееше в шума, без покрив и огниште. Кога го фатија и го прашаа кој е, одговори: „Еден од живите на земјата.“ Се посомневаа во него дека е шпион и многу го намачија. Потоа проживеа на слобода во Цариград уште многу години. Проѕираше во човечките тајни, ја претскажуваше иднината, вршеше големи чуда. Послушничка му беше старицата Теодора, која кога умре му се јави на Василиевиот послушник Григориј и му ги опиша дваесетте митарства низ коишто поминува секоја душа после смртта. Свети Василиј мирно се упокои и се пресели во прекрасните небесни живеалишта на 25 март 944 година. По смртта еден од жителите на Цариград го виде во голема слава на небесата.

Свети маченици Монтан и Максима
Светите Монтан и неговата жена Максима беа фатени заради исповедањето на Христовата вера, во време на прогонот на Диоклецијан. Беа изведени пред судијата Проб, управителот на Панонија. Покажаа таква ревност во заштита на христијанската вера, што судијата го прекина судскиот процес и нареди обајцата да бидат посечени со меч. Мачениците беа убиени во градот Сингидун, денешен Срем. Христијаните од Панонија успеаја да ги земат моштите на мачениците и да ги пренесат во Рим, во катакомбите на света Прискила. Таму тие се наоѓаа до 1804 година, кога беа откриени катакомбите, при што моштите на светата Максима беа најдени нетлени