Ученичката на СОУ „Јане Сандански“ Симона Златанова од 20 до 24 март учествуваше на настанот Model United Nations (MUN) во Мостар, БиХ каде во неколку сесии ученици од разни земји од светот дискутираа за безбедноста и кооперацијата.
На настанот во Мостар учествуваа околу 400 средношколци и студенти од околу 70 држави кои имаа улога на делегати. Нашата ученичка Симона беше делегат на Франција.
На сесиите се стави посебен акцент на две теми поврзани со безбедноста. Средношколците и студентите дискутираа за ситуацијата во де факто независната држава Приднестровие (Транснистрија) и околу справувањето со постоечките залихи на оружје и спречувањето на активноста на малите армии на територијата на Западен Балкан.