Над плоштадот во Струмица и скалите кон ,, Леблебиџиска улица” од каде симболично започнува горниот дел на градот се наоѓа кафетеријата UP TOWN. Кафетерија со убедливо најприроден надворешен изглед постигнат со грижа за многуте висечки и одбрани цвеќиња но и, со внатрешниот изглед во кој ѕидовите се претворени во четири зелени градини засадени со собно цвеќе.
Актуелниот тренд на вертикалните градини овде ги докажува своите предности. Наместо тапети и рамки ѕидовите се покриени со мов, папрат и собно цвеќе кое е засадено на посебни подлоги поставени на ѕидот. Наместо фотографии и слики од рамките повторно извира природата во вид на живо зеленило и цветови.
Ова е најдобар начин да имате свои зелени површини во станот, особено ако немате поголем простор за одгледување цвеќе. Овој вид на градини инаку можат да го облагородат и секој поголем простор со неискористени ѕидни површини во станот, канцеларијата или работното место.
Вертикалните градини освен што овозможуват пријатна средина и свежина, истовремено ги уништуват бактериите во амбиенталниот воздух, пареите и мирисот и ги одбиват инсектите затоа што засадените билки и подлогата имат такво својство. Занемарувањето на квалитетот на воздухот што секојдневно го дишеме може да резултира со алергии, честа главоболка и астма за кои причинители може да бидат некои воздушни честички кои лебдат во домот. Постојат сериозни показатели кои говорат дека често пати воздухот во домот е многу позагаден од надворешниот водзух. Ова е опасно затоа што поголемиот дел од денот современиот човек го поминува во затворен простор особено децата.
Вертикалните градини не барат особено одржување и не создава дополнителни задачи отколку обичното собно цвеќе освен повремено наводнување. Затоа што билките инвентивно се засадени на посебна подлога поставена на растојание од ѕидот и овозможува нивна исхрана без да создава влага на ѕидот врз кој се засадени. Постојат и посебни системи за наводнување кои домаќинот во најголем дел го ослободуват од обврските.
Сопственикот на локалот Зоран Божинов кој самиот ги изработува овие ѕидни градини оваа нова уметност ја усовршувал низ неколку курсеви и обуки во странство каде што вертикалните градини како нов тренд почнуват да разбудуват голем интерес заради потребата во интензивните урбани средини да се покани природата. И тоа, онаму каде што изгледа дека нема особена надеж дека ќе се сретне живата природа. Затоа што сознанието на вселенската технологија применета во оваа уметност претпоставува дека климата и воопшто условите за живот на човекот не зависат толку од висината или пак директно од времето колку од присутноста на природното зеленило особено ако се има во предвид податокот дека 10 м2 од овие зелени површини го заменуват ефектот што во средината го имат стотици садници на дрвја.
Целосната вест може да ја погледнете на следниот ЛИНК
Извор: GRADINA.MK