strumica denes logo

(AНКЕТА): Св.Валентин или Св.Трифун?

Автор:

Датум:

февруари 7, 2019

Категории:

Култура

Автор:

Датум:

февруари 7, 2019

Категории:

Култура

Овој месец, традиционална тема на зборување се веќе добро познатите празници , оној на вљубените- „Св.Валентин“ и другиот на љубителите на виното- „Св.Трифун“. Во прилог на тоа, подготвивме неколку интересни факти околу двете празнувања.

Празникот на вљубените произлегува од макотрпната посветеност на римскиот свештеник Валентин, кој живеел во периодот кога со Римската Империја владеел Клаудие Втори. Кога императорот донел закон со кој се забранувало младите мажи да стапуваат во брак (со образложение дека неговите потенцијални војници се подобри и посилни доколку немаат семејства и жени), храбриот свештеник остро се спротиставувал на оваа одлука и стотици заљубени парови ги венчавал во тајност. Кога неговата дејност била откриена, тој бил измачуван а потоа и сурово убиен. Неколку години по неговата смрт, од страна на католичката црква е прогласен за светец, а меѓу народот дошло до распространување на бројни легенди за него.

Една од легендите ни ја објаснува неговата прва средба со Клаудие Втори, на претходна покана од императорот, кој се обидел да го натера да соработува со него воодушевен од неговата разумност, но Валентин без размислување дал негативен одговор, посочувајќи дека нема да биде дел од неговите бесмислени закони. На излегување од царскиот двор, и помага на ќерката на еден од слугите на царот, која била слепа, но тој со само едно допирање на нејзините очи и го враќа видот. Подоцна, се појавуваат бројни шпекулации дека ноќта пред да биде убиен, го испратил своето последно љубовно писмо токму на оваа девојка. Како и да е, факт е дека Св.Валентин бил и останува чуварот на љубовта, вечниот вљубеник во романтиката и доброто вино. Во Македонија, како православна земја овој празник низ историјата не бил мошне популарен. Меѓутоа, со примањето на новите трендови, се почесто се празнува од младите. Низ улиците на Струмица, на овој ден, без сомнение можеме да видиме бројни заљубени парови како си разменуваат подароци во доменот на овој празник, укажувајќи си внимание. Од мечиња, цветови, чоколада па се до заеднички романтични патувања-едно е сигурно: делото на Св.Валентин се слави и овде.Доколку сте се одлучиле да израдувате некого , запомнете, не е важна цената, туку љубовта и почитта со која е подарено!

Св.Трифун пак, во историјата останува запомнет како чувар на лозјето и гостилниците, но истовремено и на брачната љубов и верност. Потекнува од сиромашно семејство од Фрагија и детството го поминал во чување гуски на богатите имоти борејќи се за корка леб. Меѓутоа, неговото име уште од рана возраст било поврзано со исцелителска моќ. Лечел луѓе од разни болести и бркал лоши демони.Според легендата, ќерката на тогашниот император Гордијан, била душевно болна и ниту еден лекар во Царството не успеал да и помогне. Царот случајно ќе дознае за момче со име Трифун за кое надалеку се зборувало дека помогнало на голем број луѓе. Не знаејќи точно за кој Трифун станува збор, ќе им нареди на своите слуги сите машки во државата кои го носат тоа име да бидат доведени во царскиот дворец. Стотици луѓе пробале да и помогнат на царската ќерка, а кога на ред дошол „вистинскиот“ Трифун, со само еден допир ја излечил девојката.

После хуманото дело, и покрај понудата на царот да остане во неговата палата, тој ќе се врати на стариот беден живот и ќе остане во трошната куќарка се додека на власт не доаѓа новиот цар Дакиј, остар противник на христијанството, кој откако дознал за големата моќ на Трифун, веднаш наредил да биде заробен. Во затворот му било понудено да соработува со новиот цар и да се откаже од христијанството и Исус, но откако арогантно одбил, му било закажано сечење на главата на градскиот плоштад. На патот до таму, Трифун се молел на Бога тој да му ја одземе душата наместо непријателите. И така и се случило, кога пристигнале на плоштадот, маченикот веќе бил мртов. Починал на 14 февруари 250 година, на само 18 години. Според мислењето на нашите луѓе, тој штити од разни несреќи и штети.Како што се пренесува, на својот празник Св.Трифун забодува факел во земјата и така го топи снегот. Исто така, се верува и дека ако на тој ден врне дожд, сливата ќе има добар род. На самиот ден, наутро од црквата се зема света вода, а потоа луѓето со истата вода ги прскаат своите лозја за да бидат заштитени од секакви несреќи. Се закројуваат неколку лозанки , па дури отпосле започнува празнувањето. Во средновековието се верувало дека токму на тој ден започнува пролетта, се буди љубовта и страста меѓу луѓето.