Стручната јавност застана во одбрана на безбедноста на браните во земјава. По објавите на социјалните мрежи со лажни информации дека брани и во Македонија попуштиле, при тоа користејќи го немилиот настан од Бразил за да предизвикаат страв и недоверба на домашното население кон рударството, се огласија експертите.
Професорот д-р Љупчо Петковски од катедрата за Хидротехнички објекти на Градежниот факултет при УКИМ во Скопје и претседател на Македонскиот комитет за големи брани вели: „Нема простор за паника. Ова е една брана од вкупно 60 илјади брани кои се регистрирани во светот. Не станува збор за масовна појава на уривање на брани, туку инцидент којшто можеби го предизвикал човечкиот фактор и недоволната грижа за објектот, но сѐ уште не ја знаеме точната причина. Од еден таков случај не може никако да извлечеме заклучок дека браните се несигурни објекти. Напротив, сметам дека браните како градежни објекти се на повисоко ниво на сигурност од кој било друг градежен објект“, вели професорот Петковски.